Бил Гејтс и Илон Маск, двајца од најбогатите луѓе во светот, не се баш најдобри пријатели, благо речено.
Овој пат, Маск го критикуваше Гејтс откако коосновачот на „Мајкрософт“ го обвини дека ги загрозува животите на децата низ целиот свет со тоа што се залага за укинување на американскиот апарат за странска помош.
„Кој мисли дека е Бил Гејтс па може тој да коментира за благосостојбата на децата“, рече Маск за време на интервјуто на Bloomberg Qatar Economic Forum, одговарајќи на тврдењето на Гејтс дека политиките на Маск им штетат на најсиромашните заедници во светот.
Маск, кој вети дека ќе продолжи да ја води Тесла како извршен директор уште најмалку пет години, додаде: „Покажете ни каков било доказ дека тоа е вистина. Тоа е лага“, објавува „Њујорк пост“.
Нападот на Маск врз Гејтс дојде откако софтверскиот могул даде интервју за „Фајненшл тајмс“, во кое го обвини извршниот директор на Тесла и раководител на DOGE (Канцеларијата за ефикасност на Белата куќа) за неодговорно прекинување на програмите за странска помош на САД по налог на претседателот Трамп.
„Сликата за најбогатиот човек во светот како ги убива најсиромашните деца во светот не е убава“, рече Гејтс, осврнувајќи се на намалувањата на средствата за Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД), вклучувајќи ги и програмите што обезбедуваа лекови за превенција од ХИВ за мајките во Мозамбик.
„Би сакал тој да оди и да се сретне со децата кои сега се заразени со ХИВ, бидејќи ги намали тие пари“, додаде Гејтс.
Тој, исто така, истакна дека одлуката за намалување на финансирањето на УСАИД произлегува од теориите на заговор што наводно циркулирале во внатрешниот круг на Маск – поточно, дека американската странска помош се користела за испраќање кондоми до Хамас во Газа.
Во февруари, агенцијата на Маск изјави дека е „време УСАИД да умре“ и последователно намали голем број програми, а подоцна симболично ги прослави намалувањата на буџетот мавтајќи со моторна пила на сцената покрај аргентинскиот претседател Хавиер Мили.
Поврзани артикли