Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека договорот за TikTok со Кина е на маса, и покрај ескалацијата на трговската војна меѓу Вашингтон и Пекинг.

„Кина не е многу ентузијаст за потпишувањето“, рече Трамп во Овалната соба.

„Имаме договор со некои многу добри луѓе, некои многу богати компании, кои би завршиле одлична работа со тоа, но ќе мора да почекаме и да видиме што ќе се случи со Кина. Има многу на маса. Мислам дека Кина всушност ќе сака да го направи тоа“, додаде тој.

Преговорите продолжуваат.
Трамп најави 90-дневна пауза на неговите нови „реципрочни“ царини за повеќето земји, но ги задржа претходно воведените царини од 104 отсто за Кина и воведе дополнителни 21 отсто како одмазда.

Минатата недела Трамп го продолжи рокот за присилна продажба на TikTok за 75 дена, дозволувајќи и на популарната платформа за социјални медиуми да продолжи да работи во САД.

Сопственикот на компанијата, „Бајт денс“, вели дека преговорите со САД продолжуваат, но дека секој договор со Вашингтон ќе биде предмет на кинескиот закон.

Иднината на TikTok остана неизвесна откако законот потпишан од поранешниот американски претседател Џо Бајден бара од „Бајт денс“ да ја продаде платформата или да се соочи со забрана. Неколку американски компании, вклучувајќи го и Amazon, наводно понудиле да ја преземат платформата за споделување видеа.