Извршниот директор на Signal, Мередит Витакер, ги истакна безбедносните придобивки на апликацијата за пораки по безбедносното нарушување.
Нејзината изјава дојде откако највисоките претставници на американската администрација по грешка вклучија новинар во шифрирана соба за разговор, која ја користеа за да разговараат за претстојниот американски напад врз јеменските Хути.
Таа директно не се осврна на грешката, за која демократските пратеници рекоа дека е повреда на националната безбедност на САД, пренесува Ројтерс.
Витакер ја опиша апликацијата како „златен стандард во приватните комуникации“, нагласувајќи ги безбедносните предности на Signal во однос на апликацијата за пораки WhatsApp, во сопственост на Meta.
„Ние сме со отворен код, непрофитни и развиваме и имплементираме технологија за шифрирање од крај до крај и за зачувување на приватноста во нашиот систем за да ги заштитиме метаподатоците и содржината на пораките“, рече таа.
Signal станува популарен во Европа и САД како алтернатива на WhatsApp бидејќи собира многу малку податоци за своите корисници, соопшти агенцијата.
Според податоците од компанијата за пазарно разузнавање Sensor Tower, преземањата на Signal во САД во првите три месеци од 2025 година пораснале за 16 отсто во споредба со претходниот квартал и 25 отсто во споредба со истиот период во 2024 година.
Во февруарското интервју за холандскиот весник De Telegraaf, Витакер рече дека Signal е побезбедна алтернатива бидејќи WhatsApp собира метаподатоци што можат да се користат за да се види кој кому и колку често испраќа пораки.
Поврзани артикли