Apple ги суспендираше известувањата за медиуми генерирани со вештачка интелигенција по повторените грешки.

Американската технолошка компанија Apple ги суспендираше известувањата за вести и забава откако се соочи со критики и поплаки поради повторените грешки во резимето на вестите.

Дополнително, компанијата прави промени во резимето на известувањата за да овозможи поголема транспарентност, известува Tech Crunch.

„Резимето на известувањата за категоријата Вести и забава ќе бидат привремено недостапни и ќе бидат повторно овозможени во идното ажурирање откако ќе бидат прецизирани“, рече портпаролот на Apple.

Промената доаѓа неколку недели откако Би-Би-Си му се пожали на Apple дека вештачката интелигенција на компанијата од Купертино погрешно претставила една од написите на британскиот јавен сервис, наведувајќи лажно во насловот дека Луиџи Манџионе, човекот уапсен за убиството на извршниот директор на UnitedHealthCare, Брајан Томпсон, се самоубил со истрел од пиштол во затвор.

Вештачката интелигенција на Apple, исто така, погрешно ги сумираше написите од Њујорк Тајмс и Вашингтон пост, според извештаите на новинарите.

„Задоволни сме што Apple одговори на нашата загриженост и ја паузираше функцијата за резиме на вести“, рече портпаролот на BBC.

Тој рече дека британскиот јавен сервис се радува на „конструктивна соработка“ со Apple за следните чекори.

„Наш приоритет е точноста на вестите што и ги пренесуваме на нашата публика, што е од суштинско значење за градење и одржување на довербата“, заклучи портпаролот на британскиот медиумски сервис.