Индонезија планира да донесе регулатива со која ќе се постави минимална возраст за пристап до социјалните мрежи за да се заштитат децата, изјави индонезискиот министер за комуникации Меуџа Хафид.

Таа не прецизираше колкава ќе биде минималната старосна граница за пристап до социјалните мрежи, објави Ројтерс.

Хафид рече дека разговарала за плановите со индонезискиот претседател Прабово Субианто и дека тој ја поддржал заштитата на децата во дигиталниот простор.

Австралија им забрани на децата помлади од 16 години да пристапуваат до социјалните медиуми, а исто така воведе парични казни на платформите како Instagram, Facebook и TikTok доколку не ги спречат децата да пристапат до нивната содржина.

Во Индонезија, која има околу 280 милиони жители, 79,5 отсто користеле интернет во текот на изминатата година, покажува истражувањето спроведено од Здружението на индонезиски интернет провајдери.

Истражувањето исто така покажа дека 48 отсто од децата под 12-годишна возраст имаат пристап до интернет.