Индија стана четвртата земја што постигна беспилотно спојување или приклучување во вселената, подвиг што се смета за клучен за идните мисии бидејќи Њу Делхи се позиционира како глобална вселенска сила.

Досега само Соединетите Американски Држави, Русија и Кина развија и тестираа такви способности за приклучување.

„Приклучувањето на вселенското летало успешно заврши! „Историски момент“, објави Индиската организација за вселенско истражување (ISRO) на X.

Мисијата на Индиската вселенска агенција, наречена Експеримент за вселенско приклучување (SpaDex), вклучуваше испраќање на две мали вселенски летала, тешки околу 220 килограми, во ниската орбита на Земјата. Двете вселенски летала, наречени Таргет и Чејзер, беа лансирани на 30 декември од вселенскиот центар Сатиш Даван во јужната држава Андра Прадеш со ракета PSLV од индиско производство, јавува Си-ен-ен.

„Мисијата SpaDex го означува почетокот на новата ера во истражувањето на вселената, покажувајќи ја технолошката моќ и амбиција на Индија“, напиша министерот за вселена Џитендра Синг на Икс.

Технологијата за приклучување е клучна за идните вселенски потфати како што се сервисирање на сателити и кога се потребни повеќекратни лансирања на ракети за да се постигнат целите на мисијата.

Домашната технологија за приклучување ќе биде од клучно значење доколку Индија сака да успее во својата амбиција да испрати индиски граѓанин на Месечината, да изгради домашна вселенска станица и да враќа примероци од Месечината, според ISRO.

„Технологијата ќе и овозможи на Индија да пренесува материјали од едно на друго вселенско летало, како што се товар, примероци од Месечината или на крајот луѓе во вселената“, рече Синг на прес-конференција на 31 декември.

Споените вселенски летала ќе демонстрираат и пренос на електрична енергија меѓу нив. Ова е од суштинско значење за работата на роботиката во вселената, контролата на вселенските летала и операциите на носивост за време на идните мисии.