Иако се на околу 400 километри оддалеченост од морето, студентите по машинско инженерство на швајцарскиот универзитет ETH Цирих напорно работат на врвни роботи кои би можеле да го променат начинот на кој се проучуваат светските океани.
Роботската риба Ева ја замавнува силиконската опашка од страна на страна и без проблем се лизга низ студената вода на езерото Цирих, каде што научниците го тестираат проектот Surf-eDNA.
Имено, универзитетските студенти веќе две години прават и тестираат јато роботизирани риби – од кои Ева е последна. „Ева изгледа како риба за да биде што е можно минимално инвазивна во екосистемот што го истражуваме. Нејзиниот дизајн не треба да ги плаши другите риби“, изјави Денис Бауман од ETH Цирих за CNN.
„Сакаме да направиме сигурна алатка за биолозите“
Автономното подводно возило (AUV) Ева има камера за снимање под вода, сонар за избегнување пречки и филтер за собирање на ДНК. Научниците потоа можат да извлечат ДНК за да видат кои видови живеат во тој екосистем.
Експертите се повеќе користат такви уреди за истражување на океаните. На пример, стартапот Aquaai со седиште во Калифорнија изгради дронови слични на риба-кловн кои можат да собираат информации како што се нивото на кислород, соленоста и pH вредноста.
„Сакаме да создадеме сигурна алатка за биолозите. Можеби на тој начин помалку видови ќе исчезнат или ќе бидат загрозени“, рече Бауман.