Албанската влада планира да го забрза својот пристап во Европската Унија со користење на ChatGPT за да преведе илјадници страници законски мерки и одредби на ЕУ на албански јазик и потоа да ги интегрира во постојните правни структури.
Овој план ќе почне да се спроведува на почетокот на 2024 година по недамнешниот договор со извршната директорка на матичната компанија на ChatGPT, OpenAI, Мира Мурати, која е родена во Албанија, пренесува „Еуроактив“.
Моделот што ќе го користи албанската влада ќе вклучува превод на документи на албански јазик и ќе даде детален преглед на потребните измени и дополнувања на законодавството со цел Тирана да се усогласи со правилата на Европската Унија.
Албанскиот премиер Еди Рама рече дека на овој начин се намалува потребата од „армија преведувачи и адвокати, која чини милиони евра“ и дека ќе го забрза процесот.
Рама најави и дека вештачката интелигенција ќе замени голем дел од услугите во локалната и националната власт, особено во јавните набавки, во обид да се бори против корупцијата.
Албанија е земја кандидат за членство во ЕУ од 2014 година, а по неколку години одложување на преговорите поради поврзаноста на напредокот на Албанија кон членството со напорите на Северна Македонија, процесот е деблокиран до летото 2022 година.
Премиерот на Албанија претходно ја изрази својата фрустрација поради, како што тврди, недостигот на мотивација и ентузијазам на ЕУ за проширување и што неговата земја е заложник на грчкото вето, како и на ветото на Бугарија против пристапувањето на Северна Македонија.
Грција го блокира писмото на 27-те земји членки до Европската комисија за отворањето на првите пет поглавја за прием на Албанија во ЕУ, пишува „Еуроактив“.
Поврзани артикли