Откако прескокна цела година, Apple планира целосно да ја освежи својата линија на таблети во 2024 година.
Според аналитичарот Марк Гурман, Apple не објави ниту еден нов iPad во текот на 2023 година, нешто што никогаш не се случило во историјата на компанијата.
Иако до крајот на тековната година остануваат уште неколку недели, Гурман сугерира дека новите модели на iPad нема да пристигнат пред 2024 година.
„Apple би можел да го забрза објавувањето на повеќе нови производи, но освежените модели на iPad и AirPods сè уште не се подготвени. Компанијата планира да ја ажурира целата своја линија iPad во текот на 2024 година“, истакнува Гурман.
Тој не спомна конкретни модели, но целосната постава ќе ги вклучува iPad mini, iPad, iPad Air и iPad Pro. Сите овие производи последен пат беа ажурирани во 2022 година, освен моделот iPad mini, кој беше ажуриран во 2021 година.
Во својот извештај Гурман споменува и дека новите AirPods слушалки ќе пристигнат следната година, додека новите AirPods Pro нема да ги видиме пред 2025 година.