Платформата за стриминг музика Spotify соопшти дека ќе отпушти околу 1.500 вработени, или 17 отсто од вкупната работна сила, за да ги намали трошоците. Ова е трет пат оваа година Spotify да отпушта луѓе. Во јануари беа отпуштени 600 вработени, а во јуни 200.
По големиот број отпуштања во технолошките компании на почетокот на годината, некои повторно почнаа да ја намалуваат или најавуваат намалување на работната сила. Извршниот директор на Spotify, Даниел Ек, им се обрати на вработените и рече дека компанијата вработила повеќе во 2020 и 2021 година поради пониските капитални трошоци и како што растело нејзиното производство.
Spotify инвестираше повеќе од 1 милијарда долари за да го изгради својот бизнис со подкасти, да донесе познати личности како Ким Кардашијан, принцот Хари и Меган Маркл во бизнисот и да го прошири своето присуство на пазарот во повеќето земји во светот во потрага по својот милијардити корисник до 2030 година.
Во моментов има 601 милион корисници, во споредба со 345 милиони на крајот на 2020 година. Во третиот квартал, компанијата оствари профит како резултат на зголемувањето на цените на своите стриминг услуги и растот на бројот на претплатници во сите региони, а компанијата прогнозира дека нејзиниот број на месечни слушатели ќе достигне 601 милион во празничниот квартал.
Ек рече дека бројот на отпуштања може да изгледа голем со оглед на неодамнешниот позитивен извештај за заработка и перформанси. „Според повеќето показатели, бевме попродуктивни, но помалку ефикасни. Мораме да бидеме и двете“, објасни тој.
Од понеделник компанијата ќе почне да ги информира вработените кои се отпуштени. Ќе им бидат исплатени уште пет месеци, а во тој период ќе имаат регрес за годишен одмор и здравствено осигурување. Компанијата ќе понуди и имиграциска поддршка за вработените чиј статус е поврзан со нивното вработување.
Поврзани артикли