Услугата ChatGPT, од компанијата OpenAI, последните два дена има проблеми со работата.
По вчерашните проблеми, кога не работеше 90 минути, ChatGPT денеска повторно „падна“, па не работи за корисниците ширум светот.
Компанијата OpenAI истакна дека во последните два дена биле мета на DDoS напади, што влијаело на работата на сервисот API и ChatGPT.
Иако компанијата официјално не потврди од каде доаѓаат овие напади, Anonymous Sudan ја презеде одговорноста за нив. Причината е моменталната ситуација околу Израел и Палестина.
Хакерската група потврди дека го користела ботнетот SkyNet за време на нападот.
Вчера и денес, за време на застојот, корисниците беа пречекани со порака „ChatGPT е на капацитет во моментов“ или порака за проблем при логирање.
Вчера OpenAI посочи дека поправката е имплементирана, но денес проблемите повторно се појавија и корисниците не можат да се логираат и да ја користат услугата.
Сајтот DownDetector повторно известува за проблемите со кои се соочуваат корисниците, најмногу кога се обидуваат да се логираат преку мобилната верзија на услугата.
Пред неколку дена, OpenAI објави понапреден AI модел за ChatGPT, кој е попаметен, побрз и ажуриран со понови податоци. Станува збор за GPT-4 Turbo, а најавена е и платформа која им овозможува на сите да креираат своја верзија на четбот.