Електронскиот отпад е една од најбрзо растечките категории на отпад – иако може лесно да се рециклира, многу уреди едноставно завршуваат на депониите бидејќи на луѓето им е полесно да ги фрлат.

Најголем придонес за растот на е-отпадот се малите, евтини уреди („FastTech“) кои не вреди да се поправаат кога ќе престанат да работат. Според истражувањето на британската организација Material Focus, минатата година биле фрлени речиси половина милијарда мали електронски уреди, вклучувајќи различни електрични кабли, сијалици и друго.

Според овие податоци, само минатата година во Велика Британија биле купени повеќе од половина милијарда вакви евтини артикли – по еден на секои 16 секунди, а речиси исто толку секоја година завршуваат на депонија.

Просечен Британец секоја година купува девет нови предмети од категоријата евтина електроника, а осум од нив фрла. Истовремено, тој не смета дека ваквата електроника треба правилно да се отстранува и рециклира, со што би се намалило негативното влијание врз животната средина.

Додека евтината електроника е проблем бидејќи обично завршува во ѓубре, организацијата предупредува на уште еден проблем – уредите кои луѓето не ги користат, но ги заборавиле во плакарите и фиоките.

Според податоците на Material Focus, дури 880 милиони електронски уреди за домаќинство се неискористени во Велика Британија. Во просек, во секое домаќинство има по 30 вакви уреди, што е зголемување за 67% во однос на истражувањето спроведено пред три години.

Во просечниот британски дом има четири или пет полначи, два или три мобилни телефони и два или три далечински управувачи заборавени во шкафовите. Општо земено, се повеќе електронски уреди се фрлаат или едноставно не се користат, а скапоцените материјали во нив како злато, алуминиум, литиум и бакар се губат засекогаш.