Сите имаме на располагање добри алатки кои можат да го намалат ризикот од измама за најмалку 50 проценти, ако не и повеќе.
Без разлика дали сакате да признаете или не, сите ние имаме малку страв да не паднеме на измама и да изгубиме значителна сума пари. Сепак, мора да признаеме и дека ова е всушност многу честа ситуација, бидејќи луѓето не се доволно внимателни или едноставно не знаат доволно за да се заштитат од измамниците. Особено на интернет.
Всушност, сите ние имаме добри алатки кои можат да го намалат ризикот од измама за најмалку 50 проценти, ако не и повеќе. Една таква алатка се нуди на речиси сите услуги, но корисниците поради сопствената зафатеност најчесто не ја користат. Токму употребата на оваа алатка, посочува поранешниот хакер на американската влада, Кајл Ханслован, може да направи разлика помеѓу измама, губење на пари и лични информации и безбедна сметка.
Тоа е автентикација во два чекора (двофакторна, 2FA).
„Сите мразат автентикација во повеќе чекори“, рече Ханслован во интервју за CNBC.
Иако користењето на оваа алатка додава само еден дополнителен чекор во процесот на најавување на сметката или профилот, на луѓето едноставно не им се допаѓа.
„Но, тоа е најдоброто нешто што можете да го направите за да ги одвратите хакерите“, вели Ханслован. „Но, луѓето го мразат тоа. Тие едноставно ја мразат идејата да мора да поминат низ друго ниво на проверка на идентитетот, да притиснете друго копче и да внесете дополнителна лозинка или код“.
Според истражувањето на Duo Security, само 78 отсто од луѓето користат автентикација во два чекора. Иако оваа бројка расте од година во година, сепак е далеку од посакуваните 100 проценти. И потезите на големите ИТ гиганти, како Google, покажуваат дека автентикацијата во два чекора стана неопходна. Имено, на крајот на 2021 година, Google воведе задолжителна двостепена автентикација за своите корисници, што резултираше со 50 отсто помалку компромитирани сметки. Поранешниот Твитер, сега платформа Х, го стори истото во 2023 година за да го намали бројот на компромитирани и лажни сметки на својата платформа.
Според податоците на LastPass, дури 61 отсто од луѓето користат исти лозинки за повеќе сметки, што дополнително ги изложува на ризик нивните сметки да бидат компромитирани.
Дури и ако не ви е гајле за вашите сметки на социјалните мрежи или адресите на е-пошта (иако треба, бидејќи тие содржат еден тон приватни информации за вас), треба барем да вклучите автентикација во два чекора за вашите банкарски сметки.
Ханслован советува дека кога ја активирате автентикацијата во два чекора, треба да избегнувате автентикација преку СМС пораки или е-пошта. Наместо тоа, тој советува користење на апликации за автентикација како Duo Mobile, Google Authentificator или Microsoft Authentificator, кои можат да создадат побезбеден код. Ако е можно, можете да користите и отпечаток од прст или препознавање лице како автентикација во два чекора.
Токму овој чекор на креирање дополнителен код за внесување на сметката прави голема разлика, нагласува Ханслован и објаснува дека за хакерите и измамниците секогаш најдобар избор е патеката со најмалку пречки.
„Ја знаете изреката – не мора да бидете побрзи од мечката, само треба да бидете побрзи од најбавниот што бега од мечката? Ако користите автентикација во два чекора и изберете апликација за автентикација, можете речиси да кажете дека сте пред целата група, а мечката или напаѓачите ќе го изберат оној што е најбавен“, заклучува Ханслован.