Со лансирање на јавна бета за Windows, DuckDuckGo сега е достапен на речиси секој оперативен систем. Добрата вест за долгогодишните корисници е што ќе можат да ги синхронизираат своите податоци на сите уреди каде што го имаат инсталирано тој интернет прелистувач.
Девет месеци откако стана достапен на Mac, DuckDuckGo конечно доаѓа на Windows. Веб-прелистувачот фокусиран на приватност моментално е во отворено бета тестирање и вклучува многу исти функции кои ги имаат и верзиите за iOS, Android и MacOS.
„Нашиот интернет прелистувач за Windows е официјално во отворена бета верзија – нема покани или листи на чекање, само брз и лесен прелистувач што го прави интернетот помалку морничав и помалку пренатрупан. DuckDuckGo за Windows веќе доаѓа со речиси сите заштити за приватност и секојдневни карактеристики со кои се запознаени нашите корисници“, објавија креаторите на DuckDuckGo на нивниот официјален блог во петокот.
Исто така, се наведува дека при инсталацијата, корисниците ќе можат да ги префрлаат своите лозинки и белешки од други прелистувачи или менаџери за лозинки. Сè уште нема да има поддршка за екстензии, но од компанијата велат дека ќе бидат претставени наскоро.
Меѓу другите функции вредни за споменување, DuckDuckGo за Windows ќе предложи лозинки кои ги смета за безбедни за корисниците при регистрација на одредени веб-страници. Прелистувачот ќе има и сопствен менаџер за лозинки, кој автоматски ќе ги запомни и пополнува информациите за најавување. Сите податоци ќе бидат синхронизирани и достапни на кој било уред што го има инсталирано овој интернет прелистувач.
Претходно е инсталиран и блокатор за реклами, како и Duck Player за репродукција на видеа. Приватниот прелистувач ќе се користи според стандардните поставки, веб-трагачите автоматски ќе се блокираат, а корисниците ќе можат да ја отстранат целата историја на прелистување со еден клик. DuckDuckGo за Windows може да се преземе од овој линк.