Веројатно барем еднаш сте се поврзале на Интернет во трговски центар или хотел, од деловни или приватни причини, без да размислувате дали тоа ги загрозува вашите приватни податоци.
Но, тоа спојување во никој случај не е безопасно. Денес безжичниот интернет е присутен насекаде, речиси во сите угостителски објекти, дури и во кафулињата и рестораните каде што често престојувате. Додека го читате весникот на телефон и го пиете првото утринско кафе во барот – можеби хакерот ве „гледа“.
Хотелите можат да бидат „опасни“, иако најавувањето на интернет изгледа сигурно и безбедно. Многу компании кои се занимаваат со оваа тема, како што се Kaspersky или SensePost, со години укажуваат дека јавниот Wi-Fi е „голем безбедносен ризик“.
Ако мислите дека луксузниот хотел е побезбеден од локален мотел – се лажете. Хакерите често создаваат лажни безжични мрежи, кои имаат слично име како хотелското Wi-Fi, и најчесто избираат места што се посетени и популарни. Потоа чекаат „жртвата да падне во стапицата“, т.е. да се најавите.
Откако едно лице ќе се поврзе на тој интернет, хакерите лесно инсталираат софтвер дизајниран да прави штета и вируси, што наскоро ќе им овозможи пристап до сите податоци на „жртвата“. Во оваа замка не паѓаат само гостите на хотелот или оние кои купуваат во трговски центри, туку и голем број вработени кои работат од далечина.
Градска мрежа
Ако планирате да се поврзете на интернет во блискиот трговски центар, обрнете внимание на името на мрежата. На инфо пултот, кој се наоѓа во секој таков објект, дознајте го точното име – за да не се поврзете на нечиј паметен телефон или хакерски лаптоп. При извршување на некои трансакции, се препорачува тоа да го правите дома или преку мобилен интернет, а истото важи и за внесување важни кодови или пристап до важни профили онлајн.
Покрај сето ова, треба да се внимава и на градскиот Wi-Fi, кој се наоѓа на одредени места (парк, плоштад…) или, да речеме, во превозот. Интернетот таму дефинитивно не е брз и обично прави проблеми, па не губите ништо. Ако бесплатната градска мрежа е бавна, тоа значи дека на неа се поврзани премногу корисници или рутерот е преземен од хакер, што во секој случај е полошо сценарио.