Првата лунарна сонда од Јужна Кореја испрати импресивни фотографии од Земјата и Месечината.
Korean Pathfinder Lunar Orbiter започна да орбитира околу Месечината во декември, откако вселенското летало беше лансирано со ракетата Фалкон 9 на SpaceX од Кејп Канаверал, Флорида минатиот август.
Името Данури за сондата го избраа граѓаните на Јужна Кореја, а е составено од корејските зборови „месечина“ и „уживање“. Ќе орбитира околу Месечината 11 месеци, а сега испрати навистина одлични црно-бели фотографии од Месечината и Земјата.
Орбитерот лета на растојание од 100 километри над површината на Месечината.
Податоците што ги собира орбитерот ќе се користат за идни истражувања, вклучувајќи ја и програмата Артемис, чија цел е да ги приземји луѓето на лунарниот јужен пол кон крајот на 2024 година. Фотографиите на сондата би можеле да помогнат во изборот на места за слетување за мисиите Артемис, како и да се мапираат ресурсите како што е водата.
Јужна Кореја потпиша договор во 2021 година и соработува со американската вселенска агенција НАСА во истражувањето на Месечината. Сондата содржи шест инструменти, вклучувајќи ја и камерата ShadowCam финансирана од НАСА, развиена од Државниот универзитет во Аризона.
Универзитетите и истражувачките институти во Јужна Кореја развија камера со висока резолуција за откривање идни места за слетување, поларизирана камера за анализа на површинските честички, инструмент за мерење на лунарното магнетно поле и спектрометар на гама-зраци за идентификување на елементите на површината на Месечината .
Главната цел на ShadowCam е да фотографира трајно засенчени региони во близина на половите на Месечината, што ќе им помогне на истражувачите да бараат мраз, да мапираат терен и да ги следат сезонските промени.
ShadowCam е неколку стотици пати почувствителен од камерите на лунарниот извидувачки орбитер на НАСА, овозможувајќи и да прави подетални фотографии во неверојатно темни услови.
Сондата неодамна користеше ShadowCam за да ѕирне во кратерот Шеклтон, еден од трајно темните области на површината на Месечината. На овој начин таа ја „открила“ нејзината внатрешност, вклучувајќи ја и самата површина и трагите што ги оставиле карпите додека пропаѓале во кратерот.
Јужнокорејските експерти од Корејскиот воздухопловно-вселенски истражувачки институт (КАРИ) сметаат дека орбитарот Данури е првиот чекор во тестирањето на можноста за вселенско истражување.
САД, Русија, Јапонија, Кина, Европската Унија и Индија исто така испратија мисии на Месечината.
Поврзани артикли