Твитер објави дека нема докази дека податоците на корисниците, кои неодамна беа понудени на продажба, се собрани со искористување на пропусти во системот на Твитер.
Заклучокот е донесен по темелна истрага, која следеше по бројните медиумски наводи дека информации за стотици милиони корисници на Твитер се продаваат онлајн.
Платформата за микроблогирање објасни дека податоците, на кои медиумите укажуваа во претходните месеци, веројатно се збирка на претходно јавно достапни информации, собрани од различни извори.
Претходно безбедносната компанија Privacy Affairs истакна дека податоците на 200 милиони корисници на Твитер се појавиле на хакерски форум.
Тие истакнаа дека податоците потекнуваат од добро позната листа на информации, во која во декември на дарк веб беа понудени на продажба деталите на 400 милиони корисници на Твитер.
Податоците вклучуваат имиња на сметки, @име, датум на создавање сметка, број на следбеници и адреси на е-пошта. Достапните информации, кои беа понудени на хакерскиот форум, не вклучуваат кориснички лозинки.