Археолозите во Германија открија некои од најраните докази за употреба на облека. На шепа на пештерска мечка е пронајдена исеченица што сугерира дека животното било одрано пред 300.000 години за да се направи облека.
Археолошки остатоци се пронајдени во Шенинген, на северот на Германија. Откритието е опишано како возбудливо бидејќи многу малку се знае за тоа како луѓето пред 300.000 години се облекувале и ги преживеале суровите зими.
Крзното, кожата и другите органски материјали обично не траат повеќе од 100.000 години, што значи дека директните докази за праисториска облека се ретки.
„Истражувањето е значајно затоа што знаеме релативно малку за тоа како луѓето се заштитувале од надворешни влијанија во длабокото минато. Има само неколку локации од овој ран временски период каде што се пронајдени докази за дерење на мечка. Шенинген дава најцелосна слика за ова“, рече авторот на истражувањето, Иво Верхејен, докторант на Универзитетот во Тибинген.
Пештерските мечки биле големи животни, приближно со големина на поларна мечка, а изумреле пред 25.000 години. Според резултатите од истражувањето објавени во научното списание Journal of Human Evolution, оваа мечка имала долги и густи влакна, крзно кое било погодна за правење облека и други потреби.
Шенинген одамна е познат по откривањето на најстарото познато дрвено оружје – копје што се користело за убивање на плен пред 300.000 години. Како што објави CNN, за научниците е предизвик да утврдат кога точно почнала да се користи облеката.