Јапонскиот приватен лендер на Месечината „ги отвори очите“ во длабоката вселена.

Станува збор за лендерот Hakuto-R, кој ја направи првата фотографија по лансирањето на врвот на ракетата Falcon 9 на SpaceX. Лендерот беше лансиран на 11 декември.

„Додека се спроведуваа првите операции во контролниот центар, ја добивме првата фотографија направена од камерата на лендерот. Станува збор за фотографија од Земјата која е направена 19 часа откако лендерот се одвои од ракетата. Она што на фотографијата изгледа како полумесечина е всушност Земјата“, соопштија од приватната компанија Ispace.

Ако се оди според планот, Hakuto-R ќе стигне до Месечината во април, со што ќе го направи првото „меко“ слетување на површината на Месечината за јапонско вселенско летало. Лендерот потоа ќе испушти мал ровер наречен Rashid, кој и припаѓа на вселенската агенција на Обединетите Арапски Емирати.

Бидејќи се работи за пробен лет, Ispace има лесно темпо, а Hakuto-R го следи својот план. Воспоставена е комуникација со лендерот и тој е во стабилна состојба со постојана моќност. Нема проблеми со клучните системи на лендерот.

Оваа мисија е основа за многумина што ќе следат во иднина. Ispace планира да лансира втора мисија на површината на Месечината во 2024 година, а трета за НАСА една година подоцна. После тоа, Ispace планира две мисии на Месечината годишно.

„Нашата визија е да воспоставиме економски одржлив екосистем“, рече директорот на компанијата Такеши Хакамада.

За време на патувањето, јапонскиот лендер беше придружуван од леталото на НАСА Lunar Flashlight, кое ќе бара замрзната вода од орбитата на Месечината.