Кон крајот на 2026 година во Виена ќе биде формиран Центарот за прецизна медицина – Институтот „Ерик Кандел“, а надлежните објаснија што ќе значи постоењето на овој центар со 200 научници.
Институтот го носи името на нобеловецот, австриско-германскиот невробиолог Ерик Кандел, кој ја доби Нобеловата награда во 2000 година за неговото истражување за трансдукцијата на сигналот во нервниот систем, што се смета за клучно за разбирање на нормалната функција на мозокот и потеклото на невролошки и психијатриски заболувања.
Како што соопштија виенските власти, трошоците за изградба на центарот биле проценети на 90 милиони евра. Дел од средствата ќе се обезбедат од Европската унија, а остатокот од државниот буџет.
Локацијата на која ќе биде сместен новиот центар е во сопственост на градот Виена и виенската здравствена управа. По завршувањето на изградбата, сопственоста на зградата ќе биде пренесена на Медицинскиот универзитет во Виена (Medizinische Universität Wien) за период од 99 години.
Прецизната медицина претставува, како што е објаснето, персонализирана здравствена заштита и третман прилагоден на пациентите. Истовремено, овозможува развој на најсовремени терапии со што помалку несакани ефекти. Според експертите, ова е еден од најголемите медицински трендови на 21 век.
Истражувачите во Виена ќе применуваат нови терапии од различни области, од кардиоваскуларни болести, преку рак или ревматолошки заболувања до ментални болести или алергии, објавија виенските власти.
Поврзани артикли