Во споредба со подемот на социјалните мрежи и апликациите за пораки како WhatsApp, Messenger и Telegram, се чини дека СМС пораките се во опаѓање по 30 години, но сè уште не исчезнале од нашите телефони.
Првата СМС порака во историјата, испратена од операторот Водафон на 3 декември 1992 година, ја добил вработен во таа компанија, Ричард Џарвис, а се состои од 15 знаци: Merry Christmas – „Среќен Божиќ“. СМС ја револуционизира комуникацијата со својата едноставност.
„Тоа е технологија од европско потекло“, потсети за AFP Марк-Антоан Дипоа, син на францускиот инженер Филип Дупоа, кој се смета за еден од пронаоѓачите на GSM, мобилната мрежа 2G што го овозможи порастот на СМС во доцните 1990-ти.
Ограничени на 160 знаци, поради што корисниците развија посебен, а понекогаш и криптичен јазик како насмевка од интерпункциски знаци, СМС пораките денес се разменуваат во неограничен број збогатени со фотографии, видео пораки и друга мултимедијална содржина.
Иако беа многу популарни на почетокот на 2010-тите, особено за новогодишните честитки, употребата на СМС пораки е во постојан пад. Само во Обединетото Кралство, бројот на испратени СМС пораки е намален за четири пати во последните десет години, според Офком, британскиот телеком регулатор.
Главната причина за тоа е подемот на социјалните мрежи (Facebook, Snapchat, Instagram) и особено апликациите за испраќање пораки како што се WhatsApp, Messenger, iMessage, Viber и Telegram, кои избегнуваат роаминг со користење на интернет, а дополнително ја освоија младата генерација со иновации како што се создавање група за разговор и потврда дека пораката е прочитана.