Американската вселенска агенција НАСА му додели уште една улога на SpaceX во програмата Artemis.
НАСА го избра лунарниот лендер на SpaceX за второто слетување на астронаутите на Месечината. Како што е познато, агенцијата го избра системот на SpaceX за мисијата Artemis 3 која ќе ги врати луѓето на Месечината децении по последната мисија Аполо.
Претходно оваа година, НАСА соопшти дека ќе прифати нови предлози за нов лунарен лендер што ќе се користи по мисијата Артемис 3 за да се обезбеди „редундантност во услугите“. Иако на SpaceX не му беше дозволено да учествува, НАСА рече дека планира да искористи опција во постојниот договор и побара од SpaceX да го измени својот систем за слетување за да ги исполни новите барања. Ова значи дека лендерот мора да биде способен да превезува луѓе од станицата Gateway, која допрва треба да се воспостави во орбитата на Месечината, до површината на Месечината. НАСА потоа може да го користи подобрениот лендер за идни мисии додека човештвото се обидува да воспостави долгорочно присуство на Месечината.
„Целта на новата работа во рамките на Опција Б е да се развие и демонстрира лунарен лендер Starship што ги исполнува барањата за одржливост на мисијата на НАСА надвор од мисијата Artemis 3, вклучувајќи приклучување со Gateway, место за четворица членови на екипажот и доставување поголема маса на површината“, соопштено е од НАСА.
Првичниот договор меѓу SpaceX и НАСА беше вреден 2,9 милијарди долари, а лунарниот лендер Starship се очекува да спушти луѓе на површината на Месечината за прв пат во 2025 година.
Сепак, генералниот инспектор на НАСА, Пол Мартин, во август изјави дека датумот на лансирање на Артемис 3 може да се одложи до 2026 година. НАСА очигледно предвидува одложувања во развојот на системот за слетување на Месечината, како и вселенски одела од следната генерација. Мисијата на НАСА Артемис 4, која ќе однесе уште четворица астронаути на Месечината, ќе биде лансирана најрано во 2027 година.
Поврзани артикли