По растегливите LCD панели, компанијата LG Display претстави уште еден новитет, а тоа е супер тенок звучник дизајниран така да е невидлив по инсталацијата во внатрешноста на автомобилот.
Звучникот, наречен Thin Actuator Sound Solution, е развиен во соработка со неименувана „глобална аудио компанија“ и има за цел да ги замени традиционалните звучници во автомобилите.
Системот ги нема вообичаените компоненти како намотки и магнети кои се наоѓаат во повеќето звучници, но користи многу тенка технологија за возбудување. Вибрациите од панелот за прикажување и различни материјали во автомобилот овозможуваат „богато, 3D извонредно искуство со звукот“.
Димензиите на панелот се 5,9 x 3,5 инчи, а тежината е помала од 40 грама, па лесно може да се „скријат“ во внатрешноста на автомобилот, како што се контролната табла, таванот, столбовите, потпирачите за глава и слично. Ова го ослободува просторот што обично го зафаќаат традиционалните звучници, без да се загрози квалитетот на звукот.
Концептот не е сосема нов, бидејќи претходно се појавија вибрирачки панели користени во OLED телевизорите на Sony и LG. Сепак, ова е прв пат да бидат пронајдени во автомобил, а LG најави дека продажбата ќе започне во првата половина на 2023 година.