„Тајниот“ вселенски авион на американските вселенски сили X-37B постави нов рекорд за престој во орбитата каде се наоѓа повеќе од 900 дена.
Авионот беше лансиран од Кејп Канаверал, Флорида на 17 мај 2020 година и сега значително го надмина претходниот рекорд од 780 дена во орбитата.
Вселенскиот авион X-37B им дозволи на САД да продолжат со експерименти во вселената дури и откако беше затворена програмата Space Shuttle. Автономниот авион е релативно помал од шатлот и може брзо да се испрати во вселената, но неодамна помина повеќе денови во вселената отколку на земја.
X-37B моментално е на својата шеста мисија наречена Orbital Test Vehicle 6 (OTV-6), која следеше по пет претходни и успешни мисии. Секоја мисија траеше подолго од минатата, а првата беше лансирана во 2010 година и траеше помалку од една година. Втората мисија беше лансирана во 2011 година, а авионот помина 468 дена во орбитата пред да слета во воздухопловната база Ванденберг. Мисијата ОТВ-3 траеше 674 дена, а ОТВ-4 вкупно 718 дена пред авионот да слета во вселенскиот центар Кенеди на Флорида. Мисијата ОТВ-5 беше лансирана во септември 2017 година и траеше 780 дена. Сегашната мисија ОТВ-6 надмина 900 дена во орбитата.
Нема информации за мисиите и достигнувањата на авионот Х-37Б. Се шпекулира дека леталото се напојува од соларни панели и литиум-јонски батерии, а фокусот е на технологијата за надзор или експериментите на сателити со ниска орбита. Со операциите на вселенскиот авион управуваат американските вселенски сили, кои објавија малку информации од 2019 година. Во 2020 година се зборуваше за три експерименти на мисијата ОТВ-6.
Првиот од нив имаше задача да ја процени реакцијата на одредени компоненти во вселената, а вториот беше дизајниран да го проучува влијанието на вселенското зрачење врз семињата. Третиот експеримент беше дизајниран од Поморската истражувачка лабораторија, а фокусот беше ставен на претворање на сончевата енергија во микробранова енергија и нејзино пренесување на Земјата.
Во вселенскиот авион има и други експерименти за кои нема информации, но и толку долг лет дава големи количини на податоци за авионика, системи за термичка заштита, електромеханички системи за летање, напредни погонски системи и автономен орбитален лет.
X-37B не е единствениот вселенски авион во орбитата. Во август оваа година, Кина го лансираше својот вселенски авион со ознака 53357/2022-093A, кој исто така орбитира околу планетата. Има малку детали и во овој случај, но ова е показател дека Кина го фаќа чекорот со САД кога станува збор за капацитетите во вселената.