Доколку сè уште имате уреди кои користат Windows 7 или Windows 8.1, ќе ве интересира новото соопштение од Google.
Според Google, компанијата планира официјално да ја прекине поддршката за Chrome на платформите Windows 7 и 8.1. Ова ќе се случи по објавувањето на верзијата Chrome 110, која е планирана за 7 февруари 2023 година.
Google Chrome ќе продолжи да работи на овие оперативни системи по тоа ажурирање, но повеќе нема да добива нови ажурирања или безбедносни закрпи.
Ова ќе го зголеми ризикот за стандардните корисници, како и за бизнисите, кои може да станат поранливи на онлајн напади ако продолжат да користат Windows 7 или 8.1.
„Ќе треба да се осигурате дека вашиот уред работи со Windows 10 или понов оперативен систем за да продолжите да ги добивате идните изданија на Chrome. Ова се совпаѓа со крајот на проширената поддршка на Microsoft за Windows 7 ESU и Windows 8.1, која ќе трае до 10 јануари 2023 година“.
Интересно е што Windows 7, за кој официјалната поддршка заврши во јануари 2020 година, сè уште има пазарен удел од 10,68 отсто ширум светот, според статистиката на StatCounter. Windows 8.1, пак, има пазарен удел од 2,7 проценти.