Австралиската полиција ги истражува извештаите дека неименуван хакер ги објавил украдените лични податоци на 10.000 корисници на телекомуникациската компанија Optus и побарал откуп од еден милион долари во криптовалута, изјави извршниот директор на компанијата.
Оптус, вториот по големина мобилен оператор во земјата, кој е во сопственост на Сингапур Телеком, рече дека податоците на 10 милиони корисници, вклучително и домашни адреси, возачки дозволи и броеви на пасоши, биле компромитирани во едно од најголемите прекршувања на личните податоци во Австралија, пренесува Ројтерс.
Сметката наречена „optusdata“, за која експертите за сајбер безбедност велат дека им припаѓа на хакерите, се закани дека ќе ги објавува податоците на 10.000 клиенти на Optus дневно доколку не добијат 1 милион австралиски долари во криптовалута.
Сопствениците на тој хакиран профил подоцна објавија дека ги избришале податоците поради преголемото внимание на медиумите, дека го повлекуваат барањето за откуп и дека им е жал што податоците на 10.200 Австралијци веќе биле протечени.
Оптус и австралиската федерална полиција, кои соработуваа со Федералното истражно биро и други агенции вклучени во истрагата, одбија да коментираат дали веруваат дека носителите на сметките „optusdata“ стојат зад истекувањето на податоците.
Австралиската федерална влада го обвини Оптус за протекувањето на, како што вели, лошите безбедносни политики и најави повисоки казни за прекршување на законот.
Министерката за внатрешни работи Клер О’Нил рече дека е „неверојатно загрижена што личните информации сега се нудат бесплатно и за откуп“.
Истражувачот и експерт за сајбер-безбедност Џереми Кирк, кој рече дека бил во контакт со хакерите одговорни за нападот, на Твитер напиша дека не е јасно зошто тие се предомислиле, но дека тоа не го менува ризикот за никој што е изложен.
„Податоците на Оптус се украдени и не можеме да и веруваме на оваа личност. Не смееме да го спуштиме нашиот гард“, напиша тој, пренесе британската агенција.
Поврзани артикли