Тие треба да стигнат до зацртаната цел со помош на нови модели.

Европските санкции кон Русија би можеле да предизвикаат сериозни проблеми за локалната автомобилска индустрија, но Лада се надева на закрепнување благодарение на лансирањето на новите модели планирани за иднината и новата цел која вклучува производство на 500.000 возила годишно.

АвтоВАЗ, сопственик на марката Лада, сега е ослободен од влијанието на Групацијата Рено откако француската компанија го продаде својот руски имот на државата – барем засега.

Набргу по руската инвазија на Украина, проблемите со снабдувањето предизвикани од санкциите ја принудија Лада да произведува и продава „соголени“ возила без ABS, воздушни перничиња и климатизација. Сепак, рускиот производител на автомобили не се откажува и има нов план за преструктуирање на бизнисот.

Максим Соколов, поранешен министер за транспорт на Русија и актуелен претседател и извршен директор на АвтоВАЗ, откри дека предлозите за нови модели на Лада ќе бидат претставени пред одборот овој месец.

Како што објави Automotive News Europe, за време на неговиот говор на економскиот форум, Соколов рече:

„Откако претходните акционери на Рено си заминаа во мај, компанијата беше без работа повеќе од два месеци… но успеавме да воспоставиме нови производни синџири и логистика и да обезбедиме снабдување со компоненти за производство на основни модели“.

Под претходна сопственост, Лада требаше да претстави нови модели базирани на механичката платформа CMF, кои ќе бидат споделени со брендот Дачиа.

Сепак, без пристап до компонентите од алијансата Renault-Mitsubishi-Nissan, Лада би можела да се потпре на користење на постари платформи и мотори за своите нови модели.

Ова не е проблем за рускиот пазар, бидејќи европските регулативи за емисии и безбедност во моментов не важат таму. Интересно е тоа што Лада работи и на својот прв електричен автомобил, навестен од концептот e-Largus, базиран на електрифицираната база на B0 Renault Group.

Новата цел на производство е 500.000 единици годишно, од кои повеќето ќе се произведуваат во фабриката во Толјати, која моментално вработува 42.000 работници.

Ова е поскромна цел од претходните поставени од Рено, вложувајќи милијарди во таа фабрика.

Во август, АвтоВАЗ го пресели производството на Лада Веста од Ижевск во Толјати, притоа нудејќи им на своите работници пакети за доброволно напуштање на компанијата.

Рускиот автомобилски пазар доби удар оваа година, со продажбата на нови автомобили во јули намалена за речиси 75 отсто од 2021 година. Ситуацијата беше подобра во август, иако вкупниот број остана за 62 отсто помал од минатата година, наведува Европската бизнис асоцијација (AEB).