Adobe објави дека ја купува Figma, која ја поседува популарната платформа за дизајн, за околу 20 милијарди долари во готовина и акции.
Ова е важна вест во светот на дизајнот и развојот, бидејќи Figma беше главен ривал на Adobe во последните неколку години.
„Заедно, Adobe и Figma повторно ќе ја креираат иднината на креативноста и продуктивноста, ќе ја забрзаат креативноста на веб, ќе го унапредат дизајнот на производите и ќе ги инспирираат глобалните заедници на креатори, дизајнери и програмери. Комбинираната компанија ќе има огромна, брзорастечка пазарна можност и способност да се испорача значителна вредност за клиентите, акционерите и индустријата“, вели Adobe.
Figma е основана пред 10 години, а платформата за колаборативен дизајн е клучна за многу бизниси низ годините. Илјадници дизајнери и програмери во Microsoft се потпираат на Figma секој ден за да креираат Office, Windows и многу повеќе.
Figma во најголема мера е поврзана со веб, нешто со што Adobe и другите ривали се мачеа. Adobe сега планира да ја комбинира сопствената заедница со Figma, што најверојатно ќе значи имплементирање на производи и услуги на Figma во Adobe Creative Suite во иднина.
Дотогаш, плановите на Adobe се Figma да продолжи да работи самостојно. Figma ќе ги искористи и можностите за 3D, видео, вектор, фотографии и фонтови на Adobe за дополнително да го подобри дизајнот на својот производ на веб.