Создадена е страница која содржи база на податоци за сите игри создадени од поединци и студија за игри во Србија.
На веб-страницата на Здружението на индустријата за видео игри на Србија (SGA), од пред неколку дена е достапна страница со сите игри направени во Србија. Игрите може да се пребаруваат по платформа и жанр, а станува збор за колекција која овозможува целосен увид во производите на српските гејмерски компании.
На платформата има над 160 наслови. Игрите се од широк спектар на жанрови, а повеќето се создадени за компјутерски и мобилни платформи. Најголем број игри доаѓаат од поединци или студија од Белград, Нови Сад и Ниш, а на нив работеле тимови од едно лице до над 80 луѓе.
„Ние во SGA, меѓу другото, постојано се обидуваме да ја подобриме и локалната и глобалната видливост на нашиот екосистем. Покрај добрите примери на успешни компании, како и зголемениот број студија во фаза на раст, расте и присуството на глобалните гиганти кои инвестираат во српската индустрија за видео игри. SGA одамна е место за собирање информации за сите потенцијално заинтересирани страни. Затоа сметаме дека е многу важно да ги имаме сите игри произведени во Србија на едно место, со цел да овозможиме поголема видливост на нашите компании и да го претставиме квалитетот на дигиталните производи што ги поседуваме“, изјави претседателката на Управниот одбор на SGA, Марија Илиќ за српските медиуми.
Благодарение на оваа база, која постојано ќе се проширува, сите заинтересирани издавачи и инвеститори од светот на игрите можат подобро да се запознаат со гејмерски проекти и студии од Србија.
Според официјалниот годишен извештај на SGA, игрите произведени во Србија се купени и преземени повеќе од 370 милиони пати ширум светот. Индустријата оствари приход од 125 милиони евра и вработува над 2.300 експерти од различни гранки.
Поврзани артикли