Мистериозното, древно линеарно еламитско писмо, кое се користело помеѓу 2.300 г и 1.800. години п.н.е. во областа на јужен Иран, наводно, конечно е дешифрирано, иако некои експерти се уште се скептични.
Дополнително, можно е артефактите што се користат за дешифрирање на натписите да не биле легитимно добиени.
Само околу 40 познати примери на линеарното еламитско писмо се зачувани денеска, што го отежнува целосното декодирање. Но, експертите во новото истражување тврдат дека успеале.
Имено, други научници претходно успеале да дешифрираат некои линеарни еламитски натписи, а авторите на новата студија се надоврзале на тие претходни трудови со споредување на системот на пишување во осум линеарни еламитски натписи со текстови напишани со клинесто писмо.
Клинестото писмо е веќе дешифрирано. Бидејќи датира од приближно истиот временски период, веројатно ги содржи имињата на истите владетели и нивните титули и се користат некои од истите термини за да ги опишат владетелите.
Експертите наведуваат дека преку оваа постапка успеале да го откријат значењето на многу други симболи на еламитската азбука, но дека околу 3,7 отсто од еламитските знаци сè уште остануваат непознати. Имено, ова писмо има повеќе од 300 симболи кои претставуваат различни звуци, како што е знак во облик на полумесечина што звучи како „па“, пишува Science Alert.
Тимот преведе краток текст во кој се вели: „Пузур-Сушинак, кралот на Аван. Божеството Инсушинак го сака“. Тој додава дека секој што ќе се побуни против Пузур-Сушинак треба да биде уништен. Научниците во истражувањето наведуваат дека во иднина ќе бидат објавени повеќе преводи на целосни текстови.
Археологот Франсоа Десет од Универзитетот во Техеран и Францускиот национален центар за истражување (CNRS) одбија да ги коментираат резултатите. „Live Science“ контактирало неколку други експерти кои не се поврзани со истражувањето и побарало нивно мислење. Повеќето или одбија коментар или не одговорија навреме за објавување на статијата.
Сепак, асириологот Џејкоб Дал од Универзитетот во Оксфорд го искажа своето мислење и рече дека е сомнителен во наодите. Тој го проучува прото-еламитското писмо и не се согласува со изјавата на археологот во студијата дека пра-еламитот и линеарниот еламит се тесно поврзани.
Дополнително, тој е загрижен дека анализата на тимот користела натписи пронајдени на археолошкиот локалитет Конар Сандал од бронзеното време, кој се наоѓа во близина на Џирофт, град во Иран.
„Тие натписи имаат сомнителни карактеристики, можеби се фалсификат. Иако артефактите од Конар Сандал не спаѓаат во групата од осум нови натписи кои беа клучни за дешифрирање, под знак прашалник е податокот дека тие воопшто биле користени“, вели Дал.
Поврзани артикли