Од мај Европа ја зафатија топлотни бранови, а прогнозите не предвидуваат подобра ситуација. Човечкото влијание врз климатските промени достигнува нови нивоа секој ден.
Светот сè уште зависи од фосилните горива, така што ниту еден континент не е безбеден од ефектите на глобалното затоплување, односно од последиците како што се поплави, суши, екстремни бури и пожари. За да се спречи тоа, светот мора да се префрли на алтернативи како што се обновливите извори и нуклеарната енергија, а Украинката Каролина Атсподина смислила одличен начин да го направи тоа.
Нејзиниот Startup WeDoSolar произведува вертикални соларни панели кои се дизајнирани лесно да се фиксираат на балконите, дури и од оние кои не се вешти во слични задачи.
Овие соларни панели би можеле да им помогнат на Европејците да го намалат отпечатокот на CO2 за 600 килограми и да заштедат 25 отсто од енергијата. Тие исто така би можеле да помогнат во ублажувањето на актуелната енергетска криза во Европа предизвикана од рускиот напад врз Украина. За Европа со години е познато дека зависи од руските енергетски извори.
Соларните панели за балкони се најлесните во светот кога станува збор за решенија од овој тип. Комплетот се состои од осум панели со тежина од еден килограм кои можат да се закачат на оградата на балконот со врски отпорни на временски услови и воопшто не е потребна стручна помош. Во случај на потреба или преселба, панелите може лесно да се отстранат и транспортираат.
По приклучувањето на стандарден штекер, веднаш започнува процесот на користење на сончевата енергија во домаќинството. Има и апликација за мобилни уреди која им овозможува на корисниците да ја следат количината на произведена енергија, како и заштедата на CO2.
Атсподина ја доби идејата додека истражуваше побрзи начини за намалување на емисиите на CO2 за да обезбеди „чиста“ иднина за следните генерации.
Комплет од осум соларни панели чини 1.299 евра. Постојат и програми со поволности за вработените во големите корпорации. Во рамките на оваа програма, работодавачите можат да добијат сертификати за CO2 за нивниот бизнис, а вработените би добиле пониски сметки за електрична енергија користејќи го системот бесплатно.