Во текот на изминатата година, хакерите успеале да украдат повеќе од две милијарди лозинки, според новиот извештај на ForgeRock.
ForgeRock објави извештај, во кој се наведува дека, покрај лозинките, хакерите украле и имиња на луѓе, адреси, броеви за социјално осигурување, датуми на раѓање, заштитени здравствени информации (PHI) и информации за плаќање и банкарство.
Во однос на 2020 година е забележан значителен пораст на бројот на украдени податоци и тоа за цели 35%. Хакерите најчесто продаваат украдени податоци на црниот пазар. Иако самите лозинки не се толку скапи за купување, тие го отвораат патот за голем број потенцијални напади, од кражба на идентитет до рансомвер, итн.
Во извештајот, ForgeRock истакнува дека пред две години на црниот пазар биле на продажба повеќе од 15 милијарди лозинки.
„Корисничките имиња и лозинките се најслабата алка на Интернет. Светот измина долг пат од точката кога едноставната лозинка обезбедува доволно заштита, а хакерите го знаат тоа. Водени од стандардот FIDO2 WebAuthn, преминот кон автентикација без лозинка добива на интензитет; ја подобрува безбедноста и во голема мера ја намалува употребата на украдени податоци од сајбер криминалците“, рече извршниот директор на ForgeRock, Фран Рош.
ForgeRock верува дека иднината на интернетот е без лозинки и дека биометриските решенија (препознавање на лицето, скенери за отпечатоци и сл.) се во првите редови.
Извештајот заклучува дека пазарот за автентикација без лозинка ќе порасне од 12,97 милијарди долари минатата година на повеќе од 53 милијарди долари до 2030 година. Останува да се види дали тоа навистина ќе се случи или не, бидејќи лозинката веќе некое време е прогласена за историја, но таа се уште опстојува со сите свои недостатоци.