Во февруари оваа година, TikTok објави дека работи на нови начини за ограничување на одредени видови содржини врз основа на возраста на корисникот и со тоа подобрување на безбедноста на тинејџерите, а сега се познати повеќе информации за системот за рејтинг.
Станува збор за систем наречен Content Levels, кој ќе биде имплементиран во следните неколку недели. Компанијата го спореди својот пристап со системите за оценување што се користат во филмската и гејминг индустријата и има за цел да филтрира клипови со теми наменети за „зрели корисници“, односно да ги отстрани од feed-от на тинејџерите. Системот ќе се користи за клипови кои инаку не би ги прекршиле правилата на Tik-Tok, но може да бидат несоодветни за помладите корисници на апликацијата.
Благодарение на оваа промена, кога тинејџерите на возраст меѓу 13 и 17 години ќе наидат на видео кое содржи „зрели или сложени“ теми, наместо тоа ќе видат предупредување дека видеото е ограничено според возраста.
„Кога ќе откриеме дека видеото содржи зрели и сложени теми, како што се сцени кои може да бидат премногу страшни или интензивни за помладата публика, на тоа видео ќе му се додели одредена оцена за да ги спречи луѓето под 18 години да го гледаат“, се вели во објаснување од TikTok.
Компанијата не откри детали за тоа како ќе го одреди рејтингот и кои критериуми ќе ги користи за да ги квалификува своите клипови. TikTok истакна дека функцијата е сè уште во рана фаза и планира да додаде нови функции во иднина. Директорите на компанијата претходно изјавија дека сакаат да им овозможат на корисниците да го изберат типот на содржина што им одговара.
Во меѓувреме, апликацијата додава нов начин за филтрирање на несаканите теми од нивната „For You“. Ажурирањето се очекува во наредните недели и ќе им овозможи на корисниците да блокираат одредени клучни зборови или хаштагови поврзани со содржината што не сакаат да ја гледаат во иднина.
TikTok понуди ажурирање со задача да избегне потенцијално проблематични „шеми кои се повторуваат“ во препораките на ForYou. Веќе се тестираат начини да се спречи луѓето да бидат преоптоварени со многу содржини за потенцијално загрижувачки теми, како што се менталното здравје или нарушувањата во исхраната. Тестовите, наводно, биле успешни, така што корисниците во САД ќе имаат помала веројатност да видат повеќе клипови на овие теми одеднаш.
Исто така, TikTok сега работи на тоа да ја направи оваа функција достапна за корисниците во повеќе земји.