Резултатот од работата во германската тјунинг компанија Novitec е хибридното чудовиште на Ferrari кое вози повеќе од 1.100 коњски сили.

Додека Ferrari интензивно го подготвува SF90 Stradale, кој се крие зад внатрешното име Versione Speciale, а ќе биде оптимизиран за употреба на патеката, познатата германска тјунинг компанија Novitec подготви своја креација на тема „plug-in“ хибрид чудовиште од Маранело.

Во Novitec не се занимаваа со електромоторите на Ферари, туку со нов издувен систем и модификации на електронската контролна единица ја зголемија моќноста на 4-литарскиот V8 мотор кој наместо 780 сега развива 889 коњски сили.

Со поддршка на три електромотори, возачот сега може да смета на 1.109 КС, што е доволно двоседот на Ферари со погон низ двете оски да достигне „стотка“ за 2,4 секунди, од 0 до 200 km/h за 6, 3 секунди и развива повеќе од 340 km/h.

Заедно со поголема моќност дојде и изменетата суспензија која го доближува наследникот на LaFerrari 30 милиметри поблиску до тлото, а заедно со неколку карбонски компоненти на каросеријата, Novitec нуди и неколку опции од алуминиумски бандажи од 20 и 21 инчи.

Цената на доработката не е објавена.