Човекот кој го измислил првиот безжичен телефон изјави дека луѓето треба да се „соберат“ и да престанат да ги користат своите уреди толку многу.
Инженерот Мартин Купер, кој сега има 93 години, е заслужен за создавањето на оригиналниот безжичен мобилен уред – Motorola DynaTAC 8000X во 1973 година. Сепак, речиси 50 години подоцна, тој смета дека луѓето треба да поминуваат помалку време на своите телефони.
Во интервју за BBC Breakfast, инженерот и пронаоѓач од Чикаго признал дека го користи својот мобилен телефон помалку од пет проценти од времето.
Кога новинарката го праша што има да им каже на оние кои ги користат телефоните со часови секој ден, како неа, Купер вели дека треба да ги остават телефоните и малку да го живеат животот.
„Навистина? Дали навистина поминувате пет часа дневно на телефон? Присоберете се и живејте малку“, истакна Купер.
Оригиналниот телефон, кој го измислил Купер, можел да издржи 25 минути пред да му згасне батеријата, а за полнење биле потребни 10 часа. Тежел 1,13 килограми и бил долг преку 25 сантиметри.
Купер дојде до идеја на секое лице да му додели свој телефонски број и помогна да се создаде концептот за безжична комуникација преку телефонски столбови.
Работеше за Моторола, каде што беше потпретседател, 29 години, а во тој период помогна во создавањето на некои од првите пејџери и часовници.