Дивелоперот 343 Industries неодамна објави нов метод за монетизација, кој треба да се имплементира во Halo: The Master Chief Collection.
Играта Halo: The Master Chief Collection моментално нуди продавница за козметика во рамките на играта. The Exchange, како што се нарекува продавницата, користи сезонски поени што играчите ги заработуваат со играње на насловот и кои можат да ги користат за да купат некои артикли.
Сепак, дивелоперот 343 Industries неодамна најави во блог пост нов систем, кој вклучува микротрансакции, кои би можеле да се имплементираат во Halo: The Master Chief Collection.
Spartan Points ќе биде името на новите токени, а 343 Industries истакнува дека можноста за нивно директно купување нема да го замени сегашниот систем на заработка на токени. Наместо тоа, ќе биде додаден како уште еден метод за заработка.
Како причина за оваа одлука, 343 Industries наведува дека таа е наменета за играчи кои се нови во MCC или кои не посветиле премногу време на отклучување ставки за време на сезонските надградби или едноставно се оние кои мора да завршат сè во играта и да ги поседуваат сите предмети.
Обожавателите веќе изразија негативни реакции на оваа вест, а некои прашуваа зошто побрзо собирање и други елементи не се имплементирани во колекцијата. Не се нуди временска рамка во која треба да се имплементира новиот систем Spartan Points, ниту цените.