Израелското Министерство за одбрана го тестираше новото ласерско оружје „Iron Beam“ во април годинава, а сега следи тестирањето на беспилотното роботско борбено возило кое се развива во соработка со неколку израелски компании.

Станува збор за средно роботско борбено возило (M-RCV), кое содржи „високо автономно решение за изведување извидувачки мисии и контролирана смртност во сите теренски услови. Работи дење и ноќе во сите временски сценарија и ја покажува својата оперативна ефикасност, едноставност и минимална интервенција на операторот“, се вели во соопштението на Министерството.

Ова возило првично беше претставено на саемот Eurosatory одржан во Париз и се состои од најмодерни и најсовремени технологии. Има фрлач на противтенковски ракети и систем за транспорт и примање дронови. Може да се пофали со способност за транспорт на тешки товари, а исто така има и напредни маневарски способности.

Во развојот на новото роботско возило соработуваа повеќе компании, роботската платформа ја обезбеди BL Advanced Ground Support Systems, а куполата на топот со калибар 30 милиметри ја дизајнираше Дирекцијата за тенкови и оклопни возила на Министерството.

Активниот одбранбен систем го разви Elbit Systems, а противтенковскиот ракетен фрлач го разви Israel Aerospace Industries.

Министерството објави и демонстративно видео на роботско возило кое се движи низ различни терени, користејќи митралез, лансирање дронови и слично.

Израел и претходно користеше полуавтономни роботи, особено на границата со Газа. Во јуни 2021 година беше употребен нов полуавтономен робот опремен со митралези од калибар 7,62, кој може да работи „24 часа на ден, седум дена во неделата“.