Долго одложуваната руска мисија Луна-25 ќе биде лансирана во септември оваа година.
Дмитриј Рогозин, шеф на руската национална вселенска агенција Роскосмос, го потврди новиот рок за лансирање на лендерот Луна-25.
„Се надевам дека сите тестови ќе бидат успешни и дека ќе го лансираме лендерот Луна-25 на крајот на септември“, изјави Рогозин за медиумите.
Во април, рускиот претседател Владимир Путин ја истакна важноста од продолжување на руската лунарна програма. Тој рече дека санкциите што Западот ги воведе кон Русија поради инвазијата на Украина нема да ги попречат напорите на Москва за истражување на вселената.
„И покрај сите тешкотии и обиди за надворешни влијанија, ние дефинитивно ќе ги спроведеме нашите планови“, рече Путин.
Набргу потоа, Европската вселенска агенција (ESA) објави дека ја прекинува соработката со Роскосмос кога станува збор за Марс и лунарните експедиции, а причината е нападот на Русија врз Украина.
Лендерот Луна-25 ќе носи околу 30 килограми научна опрема, има и роботска рака и дупчалка. Неговата задача е да изведува различни експерименти и да собира примероци. Планираната дестинација на сондата е јужниот поларен регион на Месечината во близина на кратерот Богуславски.
Ова ќе биде прва мисија на руската лунарна сонда во постсоветската историја. Истражувањето на Месечината започна со советската сонда Луна-2 уште во 1959 година, но немаше слични мисии речиси пет децении. Последната мисија Луна-24 беше лансирана во 1976 година.
Новата мисија беше „зачната“ на почетокот на 2000-тите, но беше одложена. Лендер требаше да биде лансиран во октомври минатата година, но тоа беше отфрлено бидејќи тимот за развој откри дека не е подготвен.