Компанијата Rocket Lab направи голем чекор напред со цел да ја користи својата ракета Electron за повеќекратно лансирање.
Rocket Lab го реализираше претходно објавениот план со помош на хеликоптер во воздух да ја „фати“ првата фаза од ракетата кога ќе се враќа на Земјата, а таа задача сега е успешно завршена. Ракетата Electron беше фатена со помош на хеликоптер откако испорача 34 сателити во орбитата.
Electron е ориентирана под идеален агол за да има најдобри шанси да издржи огромна топлина и притисок. Првиот падобран беше активиран за да се зголеми отпорот, а потоа вториот падобран беше отворен за последниот дел од спуштањето.
Rocket Lab го испрати хеликоптерот Sikorsky S-92 да ја пресретне ракетата при нејзиното враќање и на височина од околу 1.980 метри со кука го закачи падобранот на ракетата. Фаќањето било успешно, но пилотите на хеликоптерот не биле задоволни од начинот на кој ракетата висела и поради тоа ја испуштиле во океанот. Ракетата потоа била извадена од водата и транспортирана во седиштето на Rocket Lab каде ќе се анализира.
Компанијата соопшти дека пилотот искусил „различни карактеристики на товарот во споредба со оние при тестирањето“ и дека тоа ќе се користи за собирање важни информации за идните „фаќања“.
Целта на Rocket Lab е да фати ракета во воздух и да ја врати на земја без да ја фрли во морето бидејќи солената вода ја оштетува.
Доколку компанијата докаже дека може да користи иста ракета повеќе пати, тогаш ќе може да го забрза темпото на лансирање исто како што тоа го прави SpaceX. Резултатот ќе биде намалување на трошоците за лансирање мали сателити.
Rocket Lab има планирано уште едно лансирање за мај, но се уште не е познато дали ќе се обиде да ја фати ракетата со хеликоптер кога ќе се врати на Земјата.
Поврзани артикли