Иако поголемиот дел од светот на Android се свртува кон оние флексибилни телефони кои се виткаат навнатре (како што е Galaxy Fold), Huawei не се откажува од својот дизајн, па Huawei Mate Xs 2 останува верен на дизајнот на својот претходник и големите промени се кријат внатре.
Телефонот има 7,8-инчен OLED екран (кога уредот е расклопен) со резолуција од 2480 x 2200 px и брзина на освежување од 120 Hz. Преклопениот екран е со големина од 6,5 инчи со резолуција од 2480 x 1176 px. Има и селфи камера од 10 MP сместена во горниот десен агол.
И покрај прилично големите димензии, Huawei успеа значително да ја намали тежината, па така Mate Xs 2 тежи само 255 грама, додека неговиот претходник тежеше над 300 грама.
Една од работите што Huawei ги спомна за време на презентацијата беше механизмот на шарките. Имено, се работи за механизам со двоен ротор кој е промовиран со цел да се подобри долгорочната издржливост и не остава видливи набори на екранот. Колку е тоа вистина само времето ќе покаже.
Huawei може да се пофали и со подобрена издржливост на екранот обложен со полимер (во превод, одреден вид пластика) благодарение на новата четирислојна структура. Mate Xs 2 поддржува пенкало Huawei M-Pen 2s, за да можете да правите белешки или да цртате на вашиот телефон со големина на таблет.
Како и Mate X и Mate Xs, Huawei користи модул за тројна камера на моделот Mate Xs 2.
Има главна камера од 50 MP, ултра широка камера од 13 MP и телефото модул од 8 MP со 3x оптички и 30x дигитален зум и OIS.
Уредот што се преклопува се напојува со чипсет Snapdragon 888 4G со 8 GB / 12 GB RAM и до 512 GB вградена меморија. Mate Xs 2 има батерија од 4880 mAh со брзо полнење од 66 W и работи под платформата Huawei HarmonyOS 2.
Huawei Mate Xs 2 доаѓа во бела, црна и виолетова боја. Има почетна цена од 9.999 CNY (1440 евра) за верзијата со 8/256 GB и оди до 12.999 CNY (1870 евра) за верзијата со 12/512 GB.
За жал, нема информации за глобалната достапност на телефонот.