Дигитализацијата на општинско ниво станува приоритет за граѓаните и локалните власти, а поддршката што Европската Унија континуирано ја дава преку поддршка на проекти со конкретни резултати е од огромна важност за граѓаните – ова беше заклучокот од Панел дискусијата за општинска дигитализација во рамки на Конференцијата „ЕУ за општините“. Со оваа прва иницијатива за тематско вмрежување во делот на дигиталната трансформација на локално ниво беа истакнати и досегашните конкретни резултати од поддршката на ЕУ меѓу кои спаѓа и изработката на националниот сервис за е-услуги, интероперабилната платформа, регистарот на население, како и тековниот проект за е-влада во кој ќе се имплементираат дополнителни 139 услуги за сите граѓани.
На панел дискусијата учествуваа: Штефен Худолин, Шеф на соработка од Делегација на ЕУ, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, како и Алин-Адријан Ника, претседател на советот на округот Тимиш во Романија, како претставник на Европскиот Комитет на регионите. Панел дискусијата беше модерирана од страна на вишиот експерт за комуникации и видливост во рамки на Програмата „ЕУ за општините“, Бојан Кордалов.
Општините се соочуваат со големи предизвици, а за истите да се надминат, потребно е ефикасно носење на одлуки, како и целосно ефикасна и продуктивна испорака на општински услуги кон граѓаните. За надминување на овие предизвици процесот на дигитализација на локално ниво станува приоритетен и неминовен, рече Штефен Худолин, Шеф на соработка од Делегацијата на ЕУ.
Дигитализацијата ќе ги намали трошоците, ќе на направи јавната администрација побрза во процесите, а одлуките многу потранспарентни и продуктивни. Дигитализацијата е многу моќна алатка за добро и одговорно управување. Со дигитализацијата граѓаните ќе можат да ги следат процесите, особено оние кои се однесуваат на нивните барања и предмети кои се во процедура, ќе можат да следат како се одлучува по нив, а менаџментот во општината ќе има многу подобар увид во ефикасноста на вработените како и функционирањето на процесите идентификувајќи ги сите критични точки. ЕУ досега има подржано повеќе проекти за дигитализација кои се одвиваат на национално и локално ниво, а би напоменал и дека услугите кои се достапни на национално ниво можат релативно лесно да се адаптираат и да станат достапни и на локално ниво.
Шефот на соработка од Делегацијата на ЕУ, Худoлин истакна дека особено радува што Министерството за локална самоуправа дава приоритет во креирање на стратегија за дигитализација на локално ниво со конкретен акционен план и координација на сите чинители кои се вклучени во процесот. Од страна на ЕУ, тој ја изрази подготвеноста да се даде дополнителна поддршка на целиот процес преку ваквите тематски платформи за дигитализација во рамки на Програмата „ЕУ за општините“.
МЛС уште во текот на подготовката на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026 дигитализацијата на локалните административни услуги ја дефинира како приоритет во оваа Програма и добро што овој приоритет денес го реафирмираме сите заедно, посочи министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
„Потребни ни се системски решенија во делот на општинската дигитализација, унифицирани за сите општини. Како министерство работиме на целосна реализација на ваков системски приод што означува координација на надлежните министерства, како и соработка со ЗЕЛС и општините. Го дефинираме пристапот на државата кон ова прашање. Правиме и пресек да видиме до каде е процесот на локална дигитализацијата во секоја општина, а креираме и рамка за национален модел на е-општина за 3 типови на општини: мала, средна и голема, каде поаѓаме од критериумот за број на корисници на услугите. Во оваа насока од огромно значење е силната поддршка од ЕУ на целиот процес за поддршка на општински иновативни проекти, како и директна поддршка за граѓаните преку општинска дигитализација“, посочи министерот Милевски за време на Конференцијата „ЕУ за општините“
Како МИОА сметаме дека за општинските услуги треба да бидат искористени порталот за е-услуги, регистарот на население, платформата за интероперабилност, како и другите системи кои се веќе направени и се одржуваат од страна на МИОА, истакна заменик министерот Александар Бајдевски.
„На овој начин од една страна се постигнува економично и ефикасно работење, а од друга страна порталот овозможува унифицирање на сите услуги, без разлика од која општина се испорачани и граѓаните од едно место пристапуваат до услугите, без при тоа да знаат дали ги добиваат од централната или локалната власт. Би сакал да потсетам и дека постојат повеќе видливи резултати од поддршката која ЕУ ја дала на земјата во сферата на дигитализацијата. Би споменал еден пример, односно во 2019 беше пуштен во употреба Националниот портал за електронски услуги (uslugi.gov.mk) каде во моментов има достапни 139 услуги, од кои 14 е-услуги кои ги даваат општините. До овој момент веќе имаме регистрирано 70.623 корисници, како и поднесени 18.949 барања“, истакна заменик МИОА Бајдевски на Конференцијата. Тој јасно истакна дека Министерството се става целосно на располагање со својата експертиза и системи, во рамки на своите надлежности, да го поддржи процесот на дигитална општинска трансформација.
Градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами го претстави Проектот „Иновативни дигитални решенија во општина Тетово“, кој е еден од 8 кофинансирани проекти во рамки на Програмата „ЕУ за општините“.
„Проектот има за цел да го подобри квалитетот на живот за сите граѓани на општина Тетово. Очекуваме примена на целосно иновативни дигитални решенија во делот на секторите урбанизам, заштита на животната средина, како и во делот на инспекциските служби. Во рамки на овој Проект очекуваме да ги подигнеме дигиталните вештини на вработените во општината, како и подигнување на свесноста за предностите и можностите од користењето на ваквите услуги од страна на граѓаните и бизнисите. Целиме општина Тетово преку оваа ЕУ поддршка да стане предводник во процесот на дигитални општински услуги на локално ниво, што потоа ќе ни овозможи и да го споделиме стекнатото знаење и пракси со сите останати општини во земјата“, рече градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами.
Процесот на дигитализација на јавната администрација е дел од стратегијата за подобрување на пристапот до услуги и добра не само во округот Тимиш во Романија, туку и пошироко во Европа. Овие процеси на дигитализација дополнително отвораат можности и потенцијал за граѓаните и бизнисите, преку ИКТ да се експлоатираат иновации со цел да помогнат на економијата, одржливиот развој и прогресот, истакна Алин-Адријан Ника, претседател на советот на округот Тимиш во Романија и претставник на Европскиот Комитет на регионите.
„Зборуваме за директна врска помеѓу јавната администрација и граѓаните, но истовремено и за извор за економски раст што е уште поважно за самата дискусија за јавните услуги и администрацијата. Во случајот на Тимиш, ние имплементиравме проект кој имаше за цел да развие модерен дигитален систем на сите административни нивоа во округот. Овој систем ни дава можност за подобро менаџирање и носењето на одлуки. Оваа дигитална платформа ни овозможува да се грижиме за регулирање, прием на барања и автоматизација на активностите во рамки на нашата институција. Ни го скратува времето на процесирање и времето на чекање за реализација на процесите и операциите како и продукцијата на документи. Ова овозможува многу поголема ефикасност во моменталното работење на Округот Тимиш“, посочи Алин-Адријан Ника за време на Панелот за општинска дигитализација.
Претставникот на Европскиот Комитет на регионите исто така истакна и дека силно верува дека користењето на ИКТ во јавната администрација ќе овозможат нови вештини преку кои јавните услуги и демократските процеси ќе бидат засилени при носењето на јавните политики. Со општинската дигитална трансформација, се осигурува и зголемува потребната поддршка од граѓаните за јавните политики, а на тој начин ќе се подобри размената на информации и интеракцијата на граѓаните со локалните власти.
На крајот од панел дискусијата, вишиот експерт за комуникации и видливост во рамки на Програмата „ЕУ за општините“, Бојан Кордалов најави дека ова е прва од серијата месечни активности на тема општинска дигитализација. Тој изрази надеж дека преку поддршката на ЕУ ќе се даде дополнителен квалитет на целиот процес, како и реализација на конкретни активности од кои бенефит ќе имаат сите граѓани и граѓанки во целата земја.
Програмата „ЕУ за општините“ е грантова шема со вкупна вредност од 5 милиони евра, која им овозможи на 8 општини да добијат грантови финансирани од ЕУ во износ од 300.000 до 800.000 евра. Покрај тоа, 11 грантови обезбедени од ЕУ беа доделени во рамките на програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија. Министерството за локална самоуправа и Швајцарска агенција за развој и соработка (СДЦ) кофинансираат до 15% од вкупните прифатливи трошоци на овие грантови. Со овие програми уште еднаш беше потврдена поддршката што ЕУ ја дава на општините во Северна Македонија.
Втората цел на Програмата „ЕУ за општините“ е да се креираат тематски платформи за вмрежување во секторите кои се приоритет за општините во Северна Македонија, односно дигитализација, управување со отпад и урбана мобилност. Овие сектори се дел од Европскиот зелен договор и општините Аеродром, Охрид, Радовиш, Струмица, Тетово, Велес, Врапчиште и Град Скопје со помош на грантовите од ЕУ ќе подготват и спроведат соодветни иновативни решенија.