Бангладеш останува најзагадената земја, Њу Делхи најзагадениот главен град
Ниту една земја во светот не ги исполнила стандардите за квалитет на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО) во 2021 година, според студијата за загадувањето на воздухот во 6.475 градови објавена денеска, а смогот дури се зголемил во некои региони по намалувањето на загадувањето поврзано со пандемијата.
Според препораката на СЗО, просечните годишни отчитувања на малите и опасните честички, познати како ПМ2,5, не треба да надминуваат пет микрограми на метар кубен откако здравствената организација ги промени своите упатства минатата година.
Во соопштението на СЗО се вели дека дури и ниските концентрации на овие честички може да претставуваат значителен ризик по здравјето.
Само 3,4 проценти од анкетираните градови ги исполниле стандардите во 2021 година, според податоците собрани од швајцарската компанија за следење на квалитетот на воздухот IQAir.
Во дури 93 градови нивото на ПМ2,5 честичките е десет пати поголемо од препорачаните вредности.
„Има многу земји кои прават голем напредок во намалувањето на штетните честички“, рече Кристи Шредер, шеф на одделот за квалитет на воздухот на IQAir.
„Кина ја започна годината со многу големи бројки, но тие постепено се намалуваат со текот на времето. Но, има многу места во светот каде што ситуацијата е многу полоша“.
Целокупното ниво на загаденост на воздухот во текот на 2021 година се влоши во Индија, а Њу Делхи остана најзагадениот главен град во светот, покажуваат податоците.
Бангладеш беше најзагадена земја и тоа не е променето во однос на претходната година, а Чад го зазеде неславното второ место откако за првпат во студијата беа вклучени податоците за загаденоста на воздухот во таа африканска земја.
Кина, која води војна против загадувањето на воздухот од 2014 година, падна на 22-то место во 2021 година на скалата на загадувачи ПМ2,5 од 14-тото место претходната година, со просечни отчитувања малку подобрени во текот на годината на 32,6 микрограми, соопшти IQAir.
Градот Хотан во северозападниот кинески регион Ксинџијанг е најлошо со просечни отчитувања на ПМ2,5 од повеќе од 100 микрограми, главно предизвикани од песочни бури.
Хотан падна на третото место на листата на најзагадени градови во светот, пред Бхивади и Газиабад, двата во Индија.
Поврзани артикли