Настанот се одржа минатата недела на 18.03 во просториите на Europe House во Скопје
Минатата недела во просториите на Europe House во Скопје се одржа Демо ден на програмата Aspire Balkans. Aspire Balkans е пре- асцелераторска програма чија цел е да се креира заедница на жени претприемачки кои доаѓаат од балканските земји, и кои сакаат да изградат стартапи од нивните иновативни идеи. Оваа програма има за цел да изгради мрежа на женски бизниси која ќе ги поврзе и ќе ги поттикне креативните жени од регионот да бидат претприемачи и лидери, да соработуваат и да се зајакнуваат меѓусебно.
Програмата беше поддржана од Министерство за надворешни работи на Израел, со главен партнер Aspire програмата во AtoBe асцелераторот во Ерусалим. Во Македонија официјалниот партнер е ТАКТ – Здружение за унапредување на меѓусебна доверба, а од Косово STIKK, ICT здружение.
Во отворениот повик на програмата, поглавје Македонија/Косово, пристигнаа 60 апликации. Поради големиот број на апликации поглавјето се подели на 2 циклуси. Првиот циклус го посетуваа 34 учесници, од кои најдобрите 13 се претставија со своја презентација минатата недела. Дел од жирито беа Ивана Станковиќ, Фонд за Иновации во Македонија, Михаил Мизрахи, AtoBe Асцелератор Израел, Лиора Каспи Инвеститорка од Израел, Вјолца Чаволи, STIKK од Косово.
Програмата доби огромна поддршка од Paladium Group со обезбедување на консултантска помош на сите 13 финалистки, за да им помогне во процесот на развој на нивната стартап/бизнис идеа, и секако да им помогнат во обезбедувањето на пристап до финансии. Првите места од евалуацијата им припаднаа на учеснички Марија Бургиева со O-Krug и Олга Рајчиќ со Challenger, кои го поделија првото место и ќе имаат можност да се претстават на Демо денот на програмата Aspire во Израел и да презентираат пред бројни инвеститори. Потоа второто место и припадна на Камелија Костовска со SWAP и Јона Кастрати од Косово на третото место со бизнис идејата Интернет Клиника.
Програмата веќе има планирани бројни активности поврзани со посебни сесии за развој и помош на учесничките во следниот период и проширување на активностите во Македонија и земјите во регионот.