По купувањето на нов преносен компјутер, треба да им се посветите на некои ситници пред почетокот со работа, за долгорочно да имате што помалку главоболки.

Надградете го оперативниот систем

Независно дали сте купиле нов лаптоп, голема е веројатноста дека „лежел” со месеци (ако не  и подолго), а ова значи дека оперативниот систем пропуштил бројни надградби. Никогаш не ги прескокнувајте надградбите на оперативниот систем, посебно кога се однесуваат на безбедноста на компјутерот.

Windows – вклучете го Windows Update и проверете дали има надградба. Постои веројатност дека Windows Update ќе изврти повеќе пати, зависно од тоа колку застарел оперативниот систем.

Mac – доколку оперативниот систем забележи надградби, не ги одложувајте работите и инсталирајте ги сите кои ќе ви се прикажат како достапни.

Linux – можеби на оваа платформа надградбите се повеќе поврзани со можности отколку со сигурност, но сеедно – направете ги.

ChromeOS – без гајле. Сè се врти во позадина, додека уредот е приклучен на интернет. Платформата автоматски ќе провери и примени надградби штом се достапни.

Тргнете ги bloatware апликациите

Bloatware е целиот непотребен софтвер кој доаѓа преинсталиран на многу лаптопи. Без разлика дали се пробни верзии на антивирусни програми или нешто друго, треба да се ослободите од нив и да користите тоа што ви одговара на вас. Ваквиот непотребен софтвер обично се наоѓа на компјутери со  Windows.

Инсталирајте квалитетна антивирусна заштита

Во денешно време, мит е дека загрозени се само компјутерите со Windows.

Сметајте на најлошото – кражба

Една од најлошите работи која може да ви се случи и кражба на лаптопот. Не само што ќе го изгубите уредот, туку и податоците. Windows 10 има опција Find My Device со која може да го лоцирате уредот.

Оптимизирајте го траењето на батеријата

Поставете го осветлувањето на дисплејот на ниво кое ви одговара. Доколку ја зголемите над 60%, потрошувачката на батеријата драстично ќе се зголеми.

Повеќето лаптопи имаат опции за подесување на потрошувачката. Користете ги и режимите Sleep и Hibernation кога патувате.

Поставете автоматизирани бекапи

По некое време, вашиот лаптоп ќе биде полн со ѓубре и непотребни датотеки. Дури и да работи океј, ќе посакате да се вратите на точката кога бил „како нов”. Windows 10 доаѓа со опција за враќање на системот на старо, дури и со задржување на датотеките. Mac има Time Machine, а Linux има различни опции наменети за бекап и враќање на стари податоци.

Користете сервиси во „облак”

Без разлика дали ќе се одлучите за Dropbox, OneDrive, Google Drive или нешто друго, искористете ја можта на овие сервиси за да ги чувате најважните работи на нив. најдобро е да ја активирате синхронизацијата на датотеки и фолдеери кои сакате да ги имате засекогаш, па дури и лаптопот да „скине конци” во еден момент.

Внимавајте на прегревање

Доколку му обезбедите правилна вентилација, ќе трае подолго и ќе работи подобро. Ова обично значи да не се држи во скут. Во случај да почувствувате дека многу загрева, проверете ја температурата со помош на софтвер.

VPN

Виртуелните приватни мрежи ги чуваат приватноста и безбедноста. За жал, квалитетен VPN не е бесплатен.

Полнење

Имајте на ум дека нема да ја убиете батеријата доколку постојано го држите приклучен на полнење, но побрзо ќе го изгуби капацитетот. Вршете целосни циклуси на полнење и празнење, за хемијата во батеријата да биде што подолго океј.