Фокус групите кои беа спроведени од страна на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во текот на месец февруари годинава, покажа дека младите го гледаат решението во повеќе достапни и функционални еко-дигитални алатки, наменети кон справување со постоечки проблеми, кои истовремено ќе придонесат и кон подигање на еколошката свест на целата јавност. Тие како примери во своите земји ги посочија: македонската мобилна апликација „Мој воздух“ која го мери загадувањето на воздухот, или „Андерва“ во Албанија која нуди попусти во еко-пријателски продавници. Младите истакнаа дека ваквите апликации се добар чекор и придонесуваат за одредени промени во позитивна насока, но сметаат дека владите од земјите од иницијативата „Отворен Балкан“ треба многу повеќе да инвестираат, но и поддржуваат ваков вид на онлајн апликации. Младите луѓе од Србија го поздравија креирањето на апликацијата „gReact“ од страна на тамошната Влада, истовремено нагласувајќи дека ваквите апликации бараат подобра функционалност, систем на постојано надградување и применливост во праксата.
„Младите од регионот јасно и гласно бараат чист воздух и здрава средина за живеење – тоа е она што ги засега подеднакво без разлика од која земја доаѓаат. Тие јасно ја истакнаа свесноста дека е неопходно уште од најрана возраст да се вклучат во креирањето на политики и преземање на конкретни активности за решавање на еколошките предизвици. Бидејќи каква вода ќе пијат, каков воздух ќе дишат или каква почва за храна ќе има за идните генерации се одлучува токму денес. Уште поважно е што овие фокус групи покажаа дека младите се свесни оти промената мора да почне од нив самите, односно сите заедно треба да се менуваме ако сакаме да ги видиме промените. Она што охрабрува е дека тие сакаат да ја искористат технологијата и дигитализацијата за испраќање на пораки за позитивна промена, како и преку личен пример да придонесат кон подобрување на состојбата“ изјави Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на Програма во ИДУЕП.
Како еден од погорливите проблеми, младите од трите земји ја посочија потребата од намалување на отпадот од храна и пластичниот отпад кој според нив е важен фактор за заштита на животната средина, но ја нагласуваат и недоволната информираност на јавноста за тоа како може да придонесат кон негово решавање. Затоа сметаат дека се потребни различни видови апликации со кои ќе се таргетира различен аспект поврзан со заштита на животната средина. Како пример, апликации за намалување на отпадот од храна, за следење на загадување на воздухот, апликации за заедничко користење на автомобили, апликации за велосипеди и тротинети кои ќе придонесат да се намали загадувањето, апликации кои ќе даваат совети поврзани со екологијата, ќе поттикнуваат на паметно користење и заштеда на енергија и сл.
Младите бараат и државата да подржи развивање на апликации за заштита на животната средина кои особено ќе бидат наменети и адаптирани за помладата генерација, со цел нивна поголема искористеност. Како една од позитивните пракси кои државите може да ги применат, младите го наведоа и примерот од Нов Зеланд каде тамошната влада креирала апликација наречена „Snap Send Solve“, преку која корисниците може да пријават локални проблеми за помалку од 30 секунди (од нелегално паркирање до дупки на патот, исфрлено ѓубре на несоодветна локација, со напуштени автомобили итн.). Според нив многу е важно дигиталните алатки да се искористат и во подигање на јавната свест за заштита на животната средина што може да се поттикне со апликации за подигнување на свеста за општествено одговорни и одржливи акции. Учесниците на фокус групите решението за тоа како повеќе млади да се поттикнат на еко-акции го гледаат во понуда на апликации со гејмификација и награди – на пример, за рециклирање на одреден број шишиња да добијат некаков надомест како што се билети за културни настани и слично.
„Младите генерации сакаат и можат да направат позитивна промена во општеството. Затоа мора да бидат активно вклучени во процесите на носење одлуки на централно и локално ниво. Решенијата на проблемите во општеството тие често ги гледаат преку користење на напредната технологија од причина што тие се родени, живеат и работат во ера на дигитализација и интернет. Процесот на дигитализација во сите сфери, меѓу кои и екологијата, одамна веќе не е избор, туку обврска за секое општество кое сака да напредува. Ефикасната дигитализација отвора повеќе можности за граѓаните, а особено за младите. Затоа мора да ги користиме ваквите дигитални алатки кои светот одамна ги познава и користи. Дигиталната трансформација е клучна за создавање поодржлив, праведен и попросперитетен свет кој ќе им го оставиме на идните генерации“, заклучува комуникологот Бојан Кордалов по спроведувањето на фокус групите со млади луѓе од Македонија, Србија и Албанија.
Во рамки на фокус групите младите споделија и конкретни примери на апликации од светот со кои успешно се решаваат одредени еколошки проблеми. Меѓу нив се апликации за „споделување“ како на пример „BlaBlaCar“ – апликација за заедничко користење автомобил и делење на патните трошоци достапна во 22 земји во Европа и Латинска Америка, со што се влијае врз намалување на емисијата на штетни гасови, потоа eco-friendly апликации за заштита на животната средина и решавањето на еко проблеми на локално ниво како што е „Geco air“, придружник за мобилност што овозможува да се намали загадувањето, која и визуелно покажува и дава совет како да се постапи за да се подобри квалитетот на воздухот кој сте го загадиле. Апликацијата „Oroeco“ која има за цел да ја подигне свеста за влијанието на една личност врз климатските промени, глобалното затоплување преку мерење на нашиот „еколошки“ отпечаток кој го оставаме во околината, до апликации за намалување на отпадот од храна, меѓу кои е и „Карма“ – шведска компанија за отпадоци од храна и која преку својата истоимена апликација го „спасува“ вишокот храна од ресторани, продавници и фарми, и ја нуди за половина цена – храна која инаку би завршила во ѓубре.
Еко-апликации – позитивни примери од пракса
Во текот на месец февруари 2022 година, Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи спроведе фокус групи со млади луѓе од земјите кои се дел од иницијативата „Отворен Балкан“ – Албанија, Македонија и Србија.
Во прилог кратка листа на предлог апликации кои младите најчесто ги даваа како предлог или пример кој властите на централно и локално ниво треба да ги следат и применат во регионот како позитивни пракси:
#Апликации развиени од владите на различни држави
BlaBlaCar
Апликација за заедничко користење е-автомобил и делење на трошоците за пат која е достапна во 22 земји, од кои речиси сите се во Европа и Латинска Америка. Компанијата не поседува никакви возила; функционира како брокер и добива провизија (помеѓу 18% и 21%) од секоја резервација. Во април 2021 година, BlaBlaCar собра 115 милиони долари. Оваа апликација е многу добра за оние кои живеат во многу населени области, тоа е одличен начин за заштеда на пари и намалување на емисиите на јаглерод.
Извор: https://blog.blablacar.co.uk/
Snap Send Solve – Нов Зеланд
Владата на Нов Зеланд ја осмисли апликацијата Snap Send Solve која нуди неверојатни дигитални можности. Корисниците на апликацијата можат да пријават локални проблеми – различни теми, од нелегално паркирање до дупки на улиците и тротоарите, фрлен смет, па се до напуштени автомобили. Сето ова можат да го сторат за помалку од 30 секунди. Уште во 2019 година, преку апликацијата биле примени 45.700 пријави, што е најголемиот рекорд. Во моментов, содржината на апликацијата е достапна и низ градовите ширум Австралија.
Извор: https://www.snapsendsolve.com/
UDOT Walking School Bus, Јута, САД
Оваа дигитална апликација на родителите во државата Јута во САД им овозможува да креираат или да се приклучат на групи за пешачење во различни основни училишта, односно претставува напредна алатка која им дава можност да го креираат и планираат патот на своите деца до училиштата и назад до домот. Апликацијата овозможува да се доделуваат родители на групи на деца кои ќе ги придружуваат на патот до и од училиштата, можност за разговор и поврзување и најважно, ги известува родителите кога нивните деца ќе стигнат безбедно на училиште. Покрај тоа, со можноста за автоматско пресметување на оддалеченоста од домот до училиштето за секој ученик, апликацијата истовремено го мери и вкупниот број на изодени километри од страна на родителите и учениците во целата земја, дава проценка на вкупниот број на согорени калории, како и придонесот за незагадување на воздухот. Оваа апликација е финансирана во рамки на SNAP програмата на Министерството за сообраќај на државата Јута (UDOT).
Извор: Walking school Bus App
#Еко-френдли апликации за решавање проблеми на локално ниво
Love Clean Streets – Велика Британија
Преку оваа апликација корисниците може да пријават графити, дупки, напуштени автомобили, кучешки хаос и многу повеќе од наведените проблеми од списокот на категории. Поддржана од Keep Britain Tidy, Keep Scotland Beautiful и Keep Wales Tidy ова е одличен начин да пријават еколошки проблем и поднесокот да биде испратен до вистинските луѓе. Оваа апликација придонесува кој заштита и унапредување на животната средина, преку пријавување на проблемот.
#Апликации за рециклирање/еко-пакувања
Replaceplastic – Германија.
Оваа апликација има за цел да придонесе кон намалена употреба на пластика за пакување. Само со скенирање на бар-код на производ за кој купувачот смета дека во процесот на пакување е искористено повеќе од потребно пластика, самата апликација ви нуди други одржливи алтернативи за пакување. Дополнително се појавува и е-маил формулар со кој во само неколку чекори можете да ја контактирате директно самата компанија. Кога компанијата би добила повеќе препораки за одреден продукт, логично би било да го промени пакувањето за тој продукт, затоа што купувачите би преминале кон понудените поодржливи алтернативи.
Извор: https://gexsi.com/about/en/project/app-against-plastic-waste/
Recycle Mate, Австралија
„Recycle Mate“ е првата австралиска дигитална апликација за рециклирање преку препознавање на фотографија. Едноставно го скенирате бар кодот на производот и апликацијата сама ви покажува во која канта, односно во кој тип на отпад треба да се фрли. Оваа иновативна апликација користи најсовремена технологија на вештачка интелигенција за откривање на стотици различни предмети и на тој начин помага каде и како правилна да се рециклира отпадот низ цела Австралија. Решенијата на предизвиците кои ги опфаќа оваа дигитална апликација се: едукација на тема рециклирање и правилно користење на националните и локални напори кои властите ги вложуваат преку јавните буџети.
IRecycleApp, САД
Апликацијата „iRecicle“ им помага на нејзините корисници да ги лоцираат местата и објектите кои прифаќаат специфични предмети со цел нивно рециклирање. Исто така, нуди неверојатни 1,5 милиони начини за рециклирање преку 350 видови материјали, вклучувајќи и отпад кој тешко се рециклира како што се батерии, апарати за гаснење на пожар, фрижидери, очила… Дигитална апликација е во сопственост на „Earth911“, е бесплатно достапна за корисниците и создадена со цел на луѓето да им помогне во целокупниот процес. Во моментав е достапна во САД.
GoodOnYou
„GoodOnYou“ е дигитална апликација за одржлива мода која врз основа на податоци добиени од реномирани организации како што се Greenpeace i Carbon Trust, оценува повеќе од 2.000 брендови на скала од 1 до 5 според нивниот етички придонес. Апликацијата ги зема предвид факторите како што се условите за работа, безбедност и употреба на производи од животинско потекло. Таа дава можност за секој свој корисник/чка лесно да го провери влијанието на своите омилени модни брендови на различни важни прашања. Оваа апликација се користи со цел да се откријат поеколошки алтернативи во модната индустрија, како и да се добиваат ексклузивни понуди од најдобрите или најомилените брендови. Целта е да се искористи моќта на потрошувачите преку испраќање на пораки до брендовите и на тој начин да ги поттикнат да работат поодговорно и поодржливо.
#Апликации за намалување на фрлање вишок храна
Nosh-Ирска
Со скенирање на бар-кодот на производот или со внесување на податоци, ќе добиете информација до кога ви е рокот на траење на производите. Nosh помага и доколку сте купиле повеќе храна од потребното. Корисникот само треба да ги внесе состојките на залиха и апликацијата ви нуди фантастични комбинации со тие состојки.
Karma – Шведска
Карма e шведска компанија за отпадоци од храна и преку својата истоимена апликација Карма „спасува“ храна од ресторани, продавници за храна и фарми. Идејата е да се спасат вишоците на залихи на храна, а придобивката е плаќањето на половина цена. Има над 4.300 продажни места кои го продаваат вишокот храна на апликацијата Karma во Шведска, 1.800 во Велика Британија и 1.000 во Франција. Опсегот е од модерни ресторани до места за брза храна.
Wise Up on Waste
Апликација која активно функционира во Данска, Норвешка, Шведска, Велика Британија и Шпанија е наменета само за готвачи, но е добра за намалување на отпадот од храна. Им помага на готвачите да го следат видот на создадениот отпад (расипување, подготовка или клиент) по оброк (појадок, ручек или вечера). Анализата им помага да работата на намалување на отпадот од храна, а со тоа и да заштедат со тек на време.
Refill – Велика Британија
Во Велика Британија се купуваат многу шишиња вода, па со оваа апликација можете да ја најдете најблиската станица за полнење вода за да можете да го наполните вашето шише за повеќекратна употреба каде и да сте. Меѓу придобивките корисникот добива бесплатно полнење на минерална вода, на апликацијата може да најдете обележани фонтани во вашата близина, а обележани се и места за кафе и напитоци кои даваат попуст доколку си донесете своја чаша, а конечно се намалува и користењето на пластика.
To good to go – Данска
Користењето на апликацијата овозможува да ги спасите Surprise bags (торби со изненадување) полни со вкусна, вишок храна од бизниси во ваша близина. Фнкционира многу едноставно: Се пребарува на картата на која можете да најдете ресторан, кафуле или продавница во ваша близина што има непродадена храна која може да ја купите а само £2/2€. Нарачката се подигнува во точно утврдено време од местото во кое ја направиле истата.
Green Choice, GLOBAL
GreenChoice претставува бесплатна апликација која на корисниците им овозможува најлесно да ги купат најдобрите и најомилени прехранбени производи кои истовремено имаат позитивно влијание врз животната средина, а истовремено нуди заштеда на време и пари. Апликацијата има персонализиран пристап, односно секој корисник/чка ги внесува основните податоци и даваат вредност на набавката, преференците во исхраната, алергии на храна или осетливост на одредени состојки… Оваа дигитална апликација да можност и за споредба на цените на производите во продажните места, како и онлајн, истовремено нудејќи персонализирани предлози во исхраната. GreenChoice вклучува повеќе од 340 илјади различни прехранбехи производи и пијалаци охрабрувајќи ги своите корисници да се хранат здраво и да купуваат на одржлив начин за себе и целата планета.
#Еко-апликации за заштита на воздух
Bikemap
Апликација која се користи во Македонија и земјите ширум светот, со која се поттикнува користење на велосипед како превозно средство. На апликацијата има приказ на обележани велосипедски патеки преку впишување на точката од-до. Ова придонесува кон намалено користење на автомобили, а со тоа и кон намалување на загадувањето на воздухот.
Air by Plume
Оваа апликација ви дава прогнози за нивоата на загадување на воздухот во вашата област, а нуди и мапи за загадување од улица по улица во живо за главните урбани области во светот и детални информации за тоа како квалитетот на воздухот ќе се развива во следните 72 часа – исто како временска прогноза. Вклучува сателитски снимки, атмосферски симулации, збирки податоци за сообраќај и емисии, сите заедно за да ви ги дадат најточните информации за квалитетот на воздухот на местото на кое се наоѓате.
Geco air: air quality and mobility – Франција
Geco air е придружник за мобилност што овозможува да се намали загадувањето. Помага и дава совети за подобрување на стилот на возење и во стекнувањето на добри навики. За време на некое патување со инсталираната апликација за воздух Geco, автоматски се открива и се проценува загадувањето, без оглед на видот на транспорт. Апликацијата визуелно покажува и дава совет како да се постапи за да се подобри квалитетот на воздухот кој сте го загадиле. Ги пресметува штетните честички во воздух кои сте ги предизвикале, ве информира за квалитетот на воздухот и дава прилагодлива временска прогноза за вашите патувања.
Waze Carpool – Израел.
Апликација за заедничко користење на возило, со што се намалува метежот по улиците и загаденоста на воздухот, а истовремено придонесува кон штедење. Целна група се претежно сите вработени кои на работа одат со автомобили, како и сите други кои сакаат да придонесат за намалување на загадувањето.
#Едукактивни еко-апликации
Sustainablity aware, Europe
Sustainabiliti Aware претставува серија на едукативни апликации усогласени со наставните планови и програми кои се создадени со цел да ги информираат и поттикнат акција кај децата за тоа како начинот на животот на секој човек влијае на планетата Земја. Оваа серија на апликација се наменети за деца на возраст помеѓу 8 и 12 години. Со својата интересна содржина, овие дигитални алатки ги претвораат монотоните, теоретски научни теми во содржини кои се интересни за децата на оваа возраст. Секоја од нив им покажува на децата-корисници на оваа дигитална апликација како можат активно да учествуваат во водењето на целиот свет кон одржлива иднина.
Oroeco, Сан Франциско, САД
„Oroeco“, апликација која е креирана од истоимената компанија со седиште во американскиот град Сан Франциско, може да им помогне на поединците да ја следат сопствената емисија на јаглероден диоксид. Апликацијата пресметува врз основа на личните дневни одлуки и начин на ѓивот, вклучувајќи набавки за домот, избор на храна, потрошувачка на енергија и патувања. Оваа дигитална апликација има за цел да ја подигне свеста за влијанието на секоја личност врз климатските промени, глобалното затоплување и другите негативни еко појави.
EcoAction Trumps, UK
Eco-Action Trumps е игра која може онлајн да се игра со пријателите. Различни типови на еколошки акции се претставени на различни карти, а играчите бираат десет професии со кои би сакале да се занимаваат.Нивните противници во играта бираат од останатите карти. По ова апликацијата издава збирен резултат кој го претставува вкупното влијание на избраната професија на животната средина. Победуваат играчите со најголем резултат, а оваа дигитална апликација е уште еден начин за подигнување на јавната свест базиран на едукација преку забава и мотивација на тема екологија, односно позитивна примена на дигитализацијата во насока на зачувување на здрава животна средина.
JouleBug
„JouleBug Enterprise“ е апликација која нуди повеќе опции за правилно еколошко однесување на корисниците Независно од типот на еко акција која сакате да го покренете, постојат многу предизвици кои ги мотивираат појединците, колективите или целата организација да истите ги исполнат. JouleBug дава совети за одржливост, најнови вести за одржлив развој и акции, како и пристап до локални еко предизвици. Овозможува штедење на пати, како и градење на пољубезен однос кон планетата Земја
Ова истражување е дел од иницијативата на ИДУЕП која има цел да го поттикне процесот на дигитализација во различни сфери во регионот. Податоците се наменети да се користат како поддршка на иницијативата Отворен Балкан и да бидат база за развој на заеднички регионални платформи и акции за забрзана дигитализација. Целта е сите политичари во регионот да се обврзат на заедничко, брзо и ефикасно спроведување на овој процес од интерес на сите граѓани.