Лицата кои примиле две дози вакцина против коронавирусот и оние кои прележале Ковид-19, речиси и да немаат заштита од омикрон сојот кој сега најмногу се шири, е заклучокот од студијата на Медицинскиот Универзитет во Виена.

Само лицата кои имаат бустер доза, т.е. трета доза од вакцина, развиваат антитела кои можат делумно да го блокираат омикрон сојот.

Студијата го анализирала статусот на антитела и заштитата од т.н. сој од Вухан, делта сојот и моменталниот омикрон сој.

Се покажало дека излекуваните и двојно вакцинираните лица развиле антитела против делта сојот. Меѓутоа, тие антитела не биле во состојба да го блокираат омикрон сојот.

Блокадата на новиот сој успеала само кај оние лица кои примиле три дози од вакцината.

„Тројната вакцинација кај многу од луѓето развива доволен број на антитела за да бидат заштитени од инфекција со омикрон сојот“, објаснил авторот на студијата Рудолф Валент.

Тој, додал и дека постои голем удел од 20 отсто кај оние кои не развиваат заштита.

Имунолозите оценуваат дека најдобра заштита би била развој на општоделувачка комбинација на вакцини кои делувале против претходните, но и против овој нов сој.

„Додека не добиеме таква вакцина само постојаната вакцинација ќе ни даде заштита“, заклучиле во студијата.