Младите сакаат настава во живо, но истовремено и осовременување на образовниот процес преку воведување на дигитални начини на учење – ова беше заклучено на првиот од серијата настани на тема: „Дигитална трансформација на образованието“, во организација на Советот за дигитална трансформација (СДТ) при Институтот Хајделберг и Форумот за образовни промени (ФОП).
„Навистина ми е многу драго што Советот наидува на многу поддршки, на огромен број на размена на идеи, развој на потенцијални и воспоставување на конкретни соработки. Мислам дека веќе ја поставуваме темата за дигиталната трансформација на здрава основа. Бидејќи дигитализацијата не смее да биде лична или тема приватизирана од кого било, туку таа е заеднички и инклузивен процес во кој има и мора да има место за сите. Токму улогата на Советот за дигитална трансформација е да подаде рака на сите кои несебично вложуваат напори и секојдневно придонесуваат за создавање на одржлива дигитализација на образованието, но и ефикасна дигитална трансформација од интерес на граѓаните во сите останати сфери“ – изјави комуникологот Бојан Кордалов, кој е и претседател на Советот.
Форумот за образовни промени има за цел да даде свој придонес за подобрување на квалитетот на високото образование во земјава и да ги поттикне студентите да придонесат за локалната и меѓународната заедница преку нивното активно учество во процесот на донесување одлуки, истакна Бленди Ходаи, извршен директор на Форумот за образовни промени.
„ФОП е заедничка инвестиција на луѓе со добра волја кои се приклучија со прецизни цели – С. Македонија да има висококвалитетно државно образование. За нас, дигитализацијата е многу важна тема, поради тоа што 21-виот век бара да имаме дигитализиран образовен систем. Целосно се согласувам дека не треба да се случи приватизација на процесот на дигитална трансформација, затоа што секоја организација и секоја индивидуа треба да придонесе во адаптирање на овој процес“ – изјави Ходаи за време на дебатата.
Неодамнешно истражување на СДТ, ИДУЕП и ФОП покажа дека 70 проценти од учениците и студентите од земјите од иницијативата „Отворен Балкан“ (Албанија, Македонија, Србија) преферираат модел на учење во училница или комбиниран модел. На прашањето: „Дали е ова сигнал дека младите не сакаат дигитално образование или нешто сосема друго?“ одговори професорот Синиша Наумоски кој посочи дека дигитализацијата како поим има многу важно значење во државата.
„Според мене, дигитализацијата не е само воведување или купување на компјутер, туку го претставува целиот систем. Сметам дека е преран процесот кај нас, за толку динамично воведување на дигитализацијата во образованието. Стојам за комбинацијата на хибридните модели бидејќи целосната дигитализација би се претворила во комплетно десоцијализирање на младите и учениците. Со брзи чекори, но пополека, да го движиме напред процесот на дигитализација на образовниот систем“, рече професорот Наумоски.
„Желбата треба да биде заснована на реални проценки за тоа што е можно во моментов да се преземе. Пандемијата со коронавирусот ни го наметна забрзаниот процес на дигитализирање, како во образованието, така и во другите сфери, но истовремено ги изнесе на површина важните прашања како: медиумската писменост, дигиталната писменост, етичките аспекти на дигитализацијата во образованието, аспектот на приватноста, заштитата на личните податоци и сајбер безбедноста. Треба да се обрне особено внимание на овие прашања и да се движат процесите паралелно“, изјави Љубица Пендароска, експерт за заштита на лични податоци, член на Советот за дигитална трансформација.
„Образовниот систем се соочува со низа предизвици – од една страна брзата динамика на промени во технологиите придонесе кон процеси и можности каде што младите имаат пристап во реално време до голем број на информации, додека од друга страна – образовните институции имаат побавна динамика и не ги следат промените и можностите кои ги нудат технологиите. Денес, најголем дел од младите се информираат од социјалните мрежи и новите канали за комуникација, каде лежи проблематиката и ризикот дека истото не е регулирано и подложи на дезинформации и злоупотреби.“ – изјави Ера Алиу, претставничка на Форумот за образовни промени, на прашањето: „Дали дигиталната трансформација на образованието е целосно позитивен процес?“
Инаку, целта на формирањето на Советот за дигитална трансформација за Западен Балкан при Хајделберг Институтот е обединување на граѓанскиот и приватниот сектор, како и академската заедница кои се активни во сферата на дигитализацијата. Заеднички да се даде конкретна поддршка на напорите за успешна и одржлива дигитална трансформација кои ги покренуваат јавните институции и владите од земјите од Западен Балкан. Тие ги следат меѓународните искуства (германски и општо западни) во нивните успешните модели на дигитална трансформација и црпат позитивни пракси со цел креирање на успешен македонски и модел за одржлива дигитализација од интерес на сите граѓани од регионот на Западен Балкан.
На крајот од оваа онлајн дебата беше испратена и покана до претставниците на ФОП за нивно членство во Советот, која беше прифатена од нивна страна. Истовремено, се најави и скорешно потпишување на Меморандум за соработка помеѓу Советот за дигитална трансформација при Хајделберг Институтот и Форумот за образовни промени.
Поврзани артикли