Причината е геополитичката ситуација и падот на рубљата
Запрени се испораките и продажбата на нови автомобили од странски брендови во Русија, објавија локалните медиуми. Веќе е познато дека Volkswagen Group Rusia испратила писма до своите дилери со најава за прекин на испораките на автомобилите од марките Audi, Skoda и Volkswagen. Руските медиуми контактирале со претставник на компанијата, кој рекол дека во моментов се подготвува формален став во врска со ситуацијата.
Исто така, се тврди дека Jaguar Land Rover испратил известување дека ќе престане да испорачува нови возила од крајот на февруари. Во исто време, автомобилите кои успеале да поминат царина ќе бидат доставени до дилерите под исти услови. Од официјалниот одговор на JLR не е јасно дали тоа е вистина, наведувајќи само дека: „компанијата е многу загрижена за тоа што се случува и го следи развојот на настаните“.
Очигледно е дека вината е во настаните во Украина и падот на рубљата. Продажбата и испораките веројатно ќе продолжат во моментот кога ќе се стабилизира девизниот курс. Вчера за време на утринското тргување на Московската берза рубљата падна под 84 за долар, а тоа е причина и за драстична промена на девизните курсеви. На пример, во Сбербанк – една од најголемите банки во Русија, доларот моментално достигнува 101 рубља, а еврото се тргува за 115 рубљи.
Експертите препорачуваат да не се одложува купувањето на автомобил за оние кои тоа го планирале во блиска иднина. Меѓутоа, некои дилери престанале да продаваат автомобили со уверување дека во иднина ќе станат уште поскапи. Очигледно, тие сакаат да ги продадат по повисока цена во согласност со новиот курс на рубљата во однос на доларот. Исто така, постојат стравувања дека голем број меѓународни марки на автомобили ќе го напуштат рускиот пазар, но се ќе зависи од ситуацијата која постојано се менува.