Data Saver, односно Lite Mode е функција за која добро знаат „штедливите“ корисниците на Google Chrome. За користење е достапна на Android паметните телефони уште од 2014. година, но наскоро во целост ќе биде отстранета од мобилниот веб-прелистувач на Google.
Функцијата беше идеална за сопствениците на паметни телефони кои немаа мобилни податоци за фрлање, па Lite Mode многу им помогна да заштедат пари. Но, се чини дека Google повеќе не ја гледа целта на оваа функција, бидејќи се повеќе луѓе имаат неограничен мобилен интернет, а како што велат, Chrome е „штедлив“ и според зададените поставки.
„Во последните години, видовме намалување на цената на мобилните податоци во многу земји и направивме голем број подобрувања на Chrome за дополнително да го намалиме користењето на податоци и да го подобриме вчитувањето на веб-страниците“, објаснуваат од Google.
Иако Lite Mode се отстранува, Google наведува дека останува посветен на тоа Chrome да обезбеди брзо искуство на вчитување веб-страници на мобилни уреди. Функцијата заминува во историјата со Android верзијата на Chrome M100, која ќе биде достапна за преземање на 29 март.