Секој отпад не мора да биде ѓубре. Со малку креативност, отпадот може да се реупотреби и да се претвори во вистинско уметничко дело. Пакомак ве повикува да го направите токму тоа: да ја истражите вашата креативност и да пријавите своја креација направена од амбалажен отпад на овогодинешниот Trash for Art награден конкурс.
Како и секоја година, конкурсот е отворен за сите: возрасни и деца, а пријавените дела ќе се натпреваруваат во три категории: 1) градинки, 2) основни училишта, 3) поединци и други организации. За секоја од категориите предвидени се по три парични награди – за прво (30.000 денари), второ (20.000 денари) и за трето место (10.000 денари).
Оваа година традиционалниот конкурс на Пакомак го поддржаа Пивара Скопје и Бимилк, кои за оние најкреативните подготвија специјални парични награди. Две посебни дела изработени исклучиво од амбалажен отпад од производите на Пивара Скопје или амбалажите на Бимилк, ќе бидат наградени со по 30.000 денари.
За да учествуваат во официјалната селекција, доставените дела треба да бидат изработени од минимум 10 парчиња амбалажен отпад (од ист или од различен тип амбалажа) и да бидат високи до 150 см. Под амбалажен отпад се подразбираат: лименки, шишиња, тегли, капачиња, картонски кутии, конзерви, амбалажа од козметика и од средства за чистење и сл.
„Trash for Art“ оваа година трае од 15-ти до 17-ти март. Сите дела изработени од амбалажен отпад треба да се достават во Кинотека на Северна Македонија било кој ден од конкурсот, со тоа што на 15-ти и 16-ти скулптурите ќе може да се достават од 09:00 часот до 17:00, а на 17-ти март од 09:00 до 13:00 часот. Еден учесник може да пријави и повеќе дела, но не може да освои повеќе од една награда. Постои исклучок само со случај: доколку учесник во категоријата на основни училишта исто така го пријави своето дело во категоријата на специјална награда за БиМилк, може да добие вкупно две награди, по една од секоја категорија.
Повеќе информации за Trash for Art, условите за учество и наградите дознајте на www.pakomak.com.mk и на Фејсбук страната на Пакомак: https://www.facebook.com/Pakomak.mk.